Признанието за независна држава од трите европски држави следуваше откако Меѓународниот кривичен суд донесе одлука против израелските власти за нивната опсада на Појасот Газа која трае од 7 октомври минатата година
Државите Ирска, Шпанија и Норвешка најавија дека денеска и формално ќе ја признаат палестинската држава, пренесува Си-ен-ен посочувајќи дека со овој потег се очекува да се зајакне глобалната палестинска кауза, но истовремено претставува и можност дополнително да се заострат односите меѓу Европа и Израел.
Според изјавите на лидерите на овие три европски држави, оваа одлука е начин да се постигне траен мир на Блискиот Исток.

Трите европски земји ги најавија своите одлуки во исто време, а нивните лидери рекоа дека се надеваат оти и другите земји ќе се приклучат на оваа иницијатива.
Сепак, оваа најава предизвика осуда од страна на Израел, па така, тамошниот министер за надворешни работи нареди итно отповикување на амбасадорите на тие земји.
Ирскиот премиер Сајмон Харис на прес-конференција во Даблин рече дека државите Ирска, Норвешка и Шпанија објавиле дека ја признаваат државата Палестина, но дека секоја држава поединечно ќе ги преземе сите национални чекори што се неопходни за да се процесира таа одлука.
„Никогаш не е погрешно време да се направи вистинската работа“,
рече тој.
Шпанската влада денеска ќе го одобри официјалното признавање на палестинската држава, изјави премиерот Педро Санчез. Признавањето на Палестина го нарече историска одлука, која според него треба да придонесе Израелците и Палестинците да живеат во мир.
„Државата Палестина мора да биде одржлива, со Западниот Брег и Газа и коридор поврзан со Источен Ерусалим како главен град. Мора да биде обединета под легитимната влада на палестинската национална власт“,
рече Санчез.
Формалното норвешко признавање на Палестина како држава ќе стапи во сила денеска, на 28 мај 2024 година.
Иако декларацијата на трите земји е главно симболична, сепак, челниците на владите на овие земји се надеваат дека ќе ги охрабрат и другите земји од ЕУ да го следат нивниот пример.
Шпанија и Ирска ќе бидат најголемите и политички највлијателните земји во 27-члениот блок што ја признаа палестинската држава приклучувајќи им се на Шведска, Кипар, Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Романија и Бугарија.
Британија, Австралија и членката на ЕУ Малта во последните месеци навестија дека би можеле да го следат примерот.
Франција рече дека сега не е време да се признае палестинската државност, додека Германија му се придружи на најверниот сојузник на Израел, САД, во отфрлањето на едностраниот пристап, инсистирајќи дека решението за двете држави може да се постигне само преку дијалог.
Признанието за независна држава од трите европски држави следеше откако Меѓународниот кривичен суд донесе одлука против израелските власти за нивната опсада на Појасот Газа која трае од 7 октомври минатата година.