Амели де Моншалан била на состанок во Мадрид каде што ѝ било пренесено дека Шпанија сака во март одлука за преговори со Северна Македонија
Шпанија заедно со Франција бара начин за деблокада на евроинтеграциите на Македонија. За ова прашање било разговарано минатиот вторник во Мадрид на средбата меѓу шпанскиот државен секретар задолжен за ЕУ, Хуан Гонзалез Барба и Амели де Моншалан, француската државна секретарка задолжена за европски прашања.
Информацијата за оваа средба ја обелодени шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја по вчерашниот состанок со македонскиот министер Никола Димитров.
„Да, ние го отворивме ова прашање на разговорите со француските претставници. Шпанија сака да се постигне неопходниот консензус во рамките на ЕУ за важни прашања, а проширувањето кон Западен Балкан е значајно за Европа и затоа Шпанија соработува со сите свои партнери, вклучувајќи ја и Франција за да се дојде до консензус“, изјави министерката Гонзалез Лаја.
Шпанската министерка на прес-конференцијата со Димитров потврди дека Мадрид ќе турка за Европскиот совет во март да донесе одлука за почеток на преговори со Скопје, вклучувајќи и соработка со Франција, земјата членка на ЕУ која е најскептична за натамошното проширување на ЕУ.