Шолц оцени дека „ништо не стои на патот на Шведска да влезе во НАТО“, што турскиот претседател го кочи со месеци
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека нема врска меѓу преговорите за членство на Турција во Европската Унија и влезот на Шведска во НАТО, како што тврди турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Тоа не треба да се гледа како поврзана тема“,
рече германскиот канцелар на прес-конференција во Берлин, коментирајќи го неочекуваниот услов што го постави турскиот претседател претходно.
Шолц оцени дека „ништо не стои на патот на Шведска да влезе во НАТО“, што турскиот претседател го кочи со месеци.
Олаф Шолц рече дека гледа „позитивна порака“ во изјавите на турскиот претседател, имено дека зеленото светло за членството на Шведска е „замисливо во блиска иднина“.
Преговорите меѓу Турција и ЕУ се во застој веќе неколку години.
Иако Турција поднесе барање за членство во тогашната Европска економска заедница во 1987 г. и за членство во Европската Унија на крајот на минатиот век, во 1999 г., сепак, поради недостиг на ентузијазам кај одредени клучни земји членки на Европската Унија – преговорите за пристапување во Европската Унија никогаш не вродија со плод.
Ердоган денеска, пред да отпатува на самитот на НАТО во Литванија, прашан за тоа дали Турција конечно ќе даде зелено светло за влез на Шведска во НАТО, одговори дека неговата земја нема да се противи на такво нешто, но само доколку се одмрзне процесот на интегрирање на Турција во европското семејство.
Турција сè уште не ја одобрува кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, а како причина Анкара ги наведува недоволната битка против, како што велат, „терористичките групи“ и немањето волја Стокхолм да екстрадира одредени лица поврзани со тероризам во Турција.