Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека не сака целосно да се откаже од рускиот гас и покрај остриот пад на протокот во последните месеци, но посочи дека Германија е толку добро подготвена, што може да ги издржи последиците дури ако самата Русија целосно го запре протокот на гас
Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска изјави дека Германија веројатно ќе ја преживее зимата без криза дури и ако запрат испораките на руски гас во земјата. Според него, Германија би можела да ги искористи своите резерви на гас и да добие повеќе испорака од Норвешка или Холандија.
„Дури и ако стане тесно, веројатно ќе ја преживееме зимата. Владата рано презеде мерки на претпазливост против таква криза со полнење на складиштата за гас и изградба на терминали за течен природен гас“,
рече Шолц повторувајќи ја својата поддршка за изградба на гасовод од Шпанија преку Франција до остатокот од Европа.
Сепак, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека Германија не сака целосно да се откаже од рускиот гас и покрај остриот пад на протокот во последните месеци.
„Ние нема да го направиме тоа сами, мислам дека тоа не е одговорно“,
рече тој во четвртокот на дијалогот со граѓаните во западниот град Есен.
Еден ден претходно, Русија го запре протокот на гас низ најголемиот гасовод во Европа, „Северен тек 1“, интензивирајќи ја економската војна меѓу Москва и Брисел и зголемувајќи ги изгледите за рецесија и енергетска рационализација во некои од најбогатите европски земји.
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека низ гасоводот „Северен тек 1“ нема да има доток на гас од 31 август во 3 часот по средноевропско време до раните утрински часови на 3 септември. Овој потег од компанијата го посочија како неопходен за одржување на единствениот преостанат компресор на гасоводот.