Рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека низ гасоводот „Северен тек 1“ нема да има доток на гас од 31 август во 3 часот по средноевропско време до раните утрински часови на 3 септември. Овој потег од компанијата го посочија како неопходен за одржување на единствениот преостанат компресор на гасоводот
Русија во средата го запре протокот на гас низ најголемиот гасовод во Европа, „Северен тек 1“, интензивирајќи ја економската војна меѓу Москва и Брисел и зголемувајќи ги изгледите за рецесија и енергетска рационализација во некои од најбогатите европски земји, јави Ројтерс.
Податоците од влезната точка на „Северен тек“ во германската гасоводна мрежа покажуваат дека протокот на гасоводот кој води до Германија преку Балтичкото Море падна на нула.
Рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека низ гасоводот „Северен тек 1“ нема да има доток на гас од 31 август во 3 часот по средноевропско време до раните утрински часови на 3 септември. Овој потег од компанијата го посочија како неопходен за одржување на единствениот преостанат компресор на гасоводот.
Европските влади стравуваат дека Москва би можела да го продолжи тој период поради западните санкции наметнати по инвазијата на Украина и веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин ја користи енергијата како воено оружје.
Понатамошните ограничувања во снабдувањето со гас во Европа би ја влошиле енергетската криза која веќе доведе до пораст на големопродажните цени на гасот за повеќе од 400 отсто од август минатата година, зголемувајќи ги трошоците за живот за потрошувачите и бизнисите и принудувајќи ги владите да трошат милијарди за да ги олеснат овие оптоварувања