Шојгу рекол дека од 300 000 мобилизирани регрути, 218 000 останале на обука, додека 82 000 биле распоредени во зоната на конфликтот, од кои 41 000 биле во нивните единици
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу денеска изјави дека е завршена „делумната мобилизација на 300 000 резервисти за борба во Украина“, која Русија ја најави во септември, јавуваат агенциите.
Говорејќи на состанокот со рускиот претседател Владимир Путин, емитуван на државната телевизија, Шојгу му рекол на Путин:
„Задачата што ја поставивте (мобилизацијата) на 300 000 луѓе е завршена. Не се планирани дополнителни мерки“,
пренесува Ројтерс.
Шојгу рекол дека од 300 000 мобилизирани регрути, 218 000 останале на обука, додека 82 000 биле распоредени во зоната на конфликтот, од кои 41 000 биле во нивните единици.
Тој рече дека во иднина регрутирањето за украинската кампања ќе се заснова на доброволци и професионални војници, а не на мобилизација на повеќе од неколку милиони руски резервисти.
Одговарајќи му на Шојгу, Путин ги признал проблемите со мобилизацијата, велејќи дека тие се „неизбежни“ и рече дека треба да се направат „корекции“ во развојот на руските вооружени сили.
На 21 септември, Путин најави „делумна мобилизација“ на 300 000 резервисти, по серијата воени порази поради кои руските сили беа совладани во областа Харков во источна Украина и зголемениот притисок врз нивните сили во јужниот регион Херсон.
Овој потег предизвика егзодус на работоспособни мажи од Русија, при што десетици илјади се упатија кон земји како Грузија, Ерменија и Казахстан, кои им овозможуваат на Русите влез без визи.
Над 2 000 луѓе беа уапсени на протестите што избувнаа ширум земјата по одлуката за мобилизација. Имаше негодување во јавноста поради случаите на мобилизирање мажи и покрај медицинските исклучоци или недостатокот на воено искуство.