Таквите тврдења на Трамп се спротивни на некласифицираната проценка на американските разузнавачки служби од 2021 година, според која нема докази дека некоја странска држава успеала да влијае врз техничките аспекти на претседателските избори во 2020 година, вклучително регистрацијата на гласачите, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечниот резултат

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека има декласифицирани документи за кои тврди дека покажуваат мешање на Кина во изборите во САД и со тоа оживувајќи ги своите долгогодишни напади врз безбедноста на изборите, пишува Ројтерс. Изјавата на Трамп доаѓа и покрај проценката на американските разузнавачки служби во која не беа пронајдени докази дека Пекинг влијаел на гласањето во 2020 година што тој го загуби.
Трамп, во телевизиско обраќање, изјави дека Кина незаконски прибавила изборни податоци за околу 220 милиони Американци, вклучувајќи имиња, адреси и други информации поврзани со регистрацијата на гласачите. Тој обвини дека делови на американската разузнавачка служба намерно ги прикривале размерите на наводните кинески активности.
Тој најави „итна декласификација и објавување на критични разузнавачки информации, откривајќи шокантни ранливости во нашата изборна инфраструктура.“
Тој тврдеше дека доказите покажуваат оти изборниот систем е „опасно изложен… на хакирање, експлоатација и мешање“.
Според Трамп, Кина е сериозен стратешки конкурент и апсолутно се стреми да ги унапреди своите интереси на сметка на Америка.
„Истото го прават и Русија и Иран. Треба да се соочиме со тие закани со факти, а не да ги искривуваме за политички цели“,
вели Трамп.
Таквите тврдења на Трамп се спротивни на некласифицираната проценка на американските разузнавачки служби од 2021 година, според која нема докази дека некоја странска држава успеала да влијае врз техничките аспекти на претседателските избори во 2020 година, вклучително регистрацијата на гласачите, гласачките ливчиња, пребројувањето или конечниот резултат.
Проценката од 2021 година била изработена под раководство на тогашниот директор на националното разузнавање Џон Ретклиф, кој подоцна стана директор на ЦИА.
Трамп спротивставувајќи се на тие наоди, ги обвини разузнавачките агенции, кои ги нарече „длабоката држава“, за долгогодишно прикривање.
„Оние одговорни ги чуваа информациите во тајност. Тие не ми ги открија мене како претседател ниту на никого друг и, според нашите сознанија, не го информираа Конгресот. Всушност, сè што постојано велеа е: ’Ова се најбезбедните избори во историјата на нашата земја’“,
додава Трамп.
Трамп рече дека им наложил на канцеларијата на националното разузнавање, Министерството за правда, ФБИ и ЦИА да „истражат како и зошто биле скриени толку клучни информации, да ги отпуштат вклучените во прикривањето и да поднесат кривични пријави, доколку е соодветно, против тие луѓе“.
Во 25-минутното обраќање, Трамп ја истакна изборната безбедност како едно од главните политички прашања пред конгресните избори во ноември. Тој ги повика републиканците во Конгресот да усвојат построги правила за идентификација на гласачите и доказ за државјанство.
Трамп исто така изјави дека треба да се одземат лиценците на американските телевизиски мрежи кои не го пренеле неговото обраќање.
Пред говорот на Трамп, неколку службеници во Белата куќа изразиле загриженост дека објавувањето на информациите за Кина може да биде погрешно интерпретирано. Оценките на агенциите се дека острите обвинувања кон Пекинг би можеле да ги нарушат односите меѓу двете земји, стабилизирани по минатогодишната трговска војна.
Трамп планира во септември да се сретне кинескиот претседател Си Ѓинпинг, на разговори за подобрување на трговските односи.
Пред почетокот на обраќањето на Трамп, портпаролот на кинеската амбасада во САД, Лиу Чанг, изјави дека Кина „никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во претседателските избори во САД“.
