Шкотска е прва земја со бесплатни хигиенски производи за менструален циклус, а на глобално ниво само неколку земји имаат нула данок на овие производи
Законот за менструални производи, кој предвидува дека жените во Шкотска имаат право на бесплатни хигиенски средства за менструален циклус, вчера стапи во сила. Според овој закон, сите образовни и јавни институции мора да ги обезбедат овие производи.
Од 2017 година досега се потрошени нешто помалку од 32 милиони евра за јавно достапни средства за хигиена.
Предлог-законот за менструални производи беше претставен од портпаролката на лабуристите Моника Ленон и беше усвоен едногласно во ноември 2020 година.
Ленон рече дека е разумно да се очекува 20 отсто од популацијата со менструација да ја користи програмата, имајќи предвид дека официјалната статистика за нееднаквост покажува дека речиси 20 отсто од жените во Шкотска живеат во релативна сиромаштија.
Во Обединетото Кралство една од 10 девојки на возраст од 14 до 21 година изјавила дека не може да си дозволи менструални производи, според истражувањето на „План интернешенл ОК“ од 2017 година, пренесува Си-ен-ен. Истражувањето, исто така, покажа дека речиси половина се чувствуваат засрамено од менструацијата, а поради тоа околу половина пропуштиле цел ден на училиште.
Во јануари 2021 година Обединетото Кралство ја укина стапката на ДДВ од 5 отсто за менструалните производи. Во Англија во 2019 година беше покрената иницијатива за обезбедување бесплатни санитарни производи во училиштата.
На глобално ниво, само неколку земји имаат нула данок на санитарните производи, вклучувајќи ги Канада, Индија, Австралија, Кенија и неколку американски држави.
Минатата година Германија гласаше за намалување на даночната стапка на производите за женска хигиена откако утврди дека тие се неопходни, а не луксуз.