Училишните раководства веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки. Училишните раководства веднаш да почнат со организација и реализација на едукативни часови, работилници и дистрибуција на материјали за соодветно информирање, превенција и справување со корона вирусот.
Ваква наредба денеска до директорите на средните училишта во Скопје издал градоначалникот Петре Шилегов.
„Во 23 средни училишта на Град Скопје учат околу 21.600 ученици и заштитата на нивното здравје претставува сериозна обврска и одговорност за нас како надлежна институција и за директорите што раководат со училиштата. Согласно задолженијата добиени од Владата на Република Северна Македонија, сите училишта своите планирани патувања и екскурзии во Република Италија ќе ги откажат или одложат на неопределено време. До крајот на оваа недела ќе биде одржан и едукативен час за превенција од вирусот, согласно препораките на Светската здравствена организација и Владата на РСМ“,
изјави Шилегов на денешната прес-конференција.
Тој рече дека Градот Скопје ќе ја обезбеди потребната логистичка поддршка и координација со релевантните здравствени институции, а училишните раководства се задолжуваат да ги стават на користење средствата што ги обезбеди Градот, да одржуваат највисоко ниво на хигиена, применувајќи ги сите санитарно-хигиенски средства и активности што им се на располагање.