Тој кажа дека е разочаран што неговата противкандидатка, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не собра храброст да излезе на дуел и да ги соочат концептите
Актуелниот градоначалник на Скопје и кандидат за втор мандат од СДСМ, Петре Шилегов, вели дека во првиот круг граѓаните изразиле определа разочараност, но очекува во вториот круг да излезат масовно и да го поддржат со цел да се продолжи со европеизирање и модернизирање на градот.
„Во првиот круг граѓаните изразија определена разочараност или гнев и тоа сериозно ни го кажаа на нас, луѓето коишто сме во политиката. Мислам дека токму поради изразот на тој гнев, бидејќи изборот е поедноставен, луѓето ќе излезат масовно да го заштитат она што го зборувавме, а тоа е континуитетот за развој на Скопје како модерен и европски град“,
рече Шилегов во гостување на ТВ Алсат.
Тој кажа дека е разочаран што неговата противкандидатка, Данела Арсовска, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не собра храброст да излезе на дуел и да ги соочат концептите.
„Однесувањето на Арсовска помеѓу двата изборни круга, односно пред вториот изборен круг, е непристојно демократско однесување. Во една демократска држава каква што претендираме сите и барем декларативно се изјаснуваме дека е Македонија, најнормалното нешто што треба да го направат политички конкуренти во битка за градоначалник е да ги соочат своите концепти. Не е тоа лично прашање, тоа е прашање на однос кон граѓаните. Недоаѓањето на дебатите или избегнувањето на дебатите, со било какви изговори не е ништо друго, туку потценување на Скопје и на скопјани, на сите граѓани на нашиот град“,
рече Шилегов.
Шилегов смета дека во првиот изборен круг, поради бројот на кандидатите и нивното однесување, Арсовска успеала да се скрие или да скрие дека нема концепт за Скопје, туку само флоскули и листа на желби и додаде дека тој не познава човек кој не сака Скопје да е убаво, модерно, ефикасно, но прашањето е како се доаѓа до тоа.
„Меѓутоа, сега веќе кога е сè на виделина, свесна за тоа дека нејзиниот концепт е листа на желби, претежно лажни ветувања, бега од дебатата, што сериозно зборува за демократскиот капацитет на госпоѓа Арсовска. Мене лично, но и граѓаните ги враќа во не така далечното минато, пред пет или шест години кога ние немавме дебати на медиумите заради што се бегаше од нив или се немаше демократски капацитет“,
рече Шилегов.