Според Кривичниот законик (КЗ), за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода, е предвидена затворска казна од три месеци до пет години
Министерството за внатрешни работи денеска поднело кривична пријава против шестмина затворски полицајци од скопската Казнено-поправната установа „Идризово“, кои се сомничат дека им овозможиле на повеќемина осуденици да побегнат од затворот.
Кривичната пријава е поднесена до Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), од каде што јавен обвинител веќе започнал предистражна постапка против шестемина затворски полицајци.
Како што информираат од МВР, станува збор за И. И. (37), Ј. А. (36), И. Ј. (50), Д. П. (34), Ф. Б. (31) и В. Т. (36), кои се сомничат за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода, според член 372 од Кривичниот законик (КЗ).
Инаку, според соопштенијата на МВР и на Јавното обвинителство, затворските полицајци овозможиле бегство на осуденици во два одделени случаи додека биле ангажирани на своите работни места во „Идризово“.
Во едниот случај, првите двајца, И. И. и Ј. А. во вторникот додека ги извршувале своите работни задачи во Отвореното одделение на затворот, им дале лажни податоци на своите претпоставени во врска со бројната состојба на осудениците.
„При утврдување на бројната состојба на осудени лица во отворено одделение во КПУ-КПД ‘Идризово’ имало седум отсутни лица од установата, додека И.И. и Ј.А. констатирале дека сите осудени лица биле присутни, за што усно ги известиле командирите, овозможувајќи им бегство на осудените лица Ј.Р., И.Ј., Н.Б., С.С., Р.К., И.Р. и Е.С.“,
се наведува во соопштението од МВР.
Истиот ден, четворица од пријавените затворски полицајци – И. Ј., Д. П., Ф. Б. и В. Т. не презеле дејствија за да го задржат осуденикот со иницијали Р. К. да го напушти затворот.
Тој, според МВР, пред нив се упатил кон вратата од пријавницата и избегал.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка предложил на петмина од осомничените да им бидат определени мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето, обврска да се јавуваат на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи судијата, како и привремено одземање на пасошите. Како дел од мерките се бара судот да им забрани да одржуваат контакти со лица осомничени во постапката и да преземаат работни активности поврзани со кривичното дело, односно да бидат ангажирани како затворски полицајци.
На еден од осомничените, како што информираат од Обвинителството, истите мерки веќе му биле определени во друг предмет што се водел против него.
Инаку, за кривичното дело овозможување бегство на лице лишено од слобода е предвидена затворска казна од три месеци до пет години.