Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси избраните и именуваните лица имаат обврска да достават изјава за имотната состојба и интереси и промена на имотната состојба на интересите во електронска форма, во рок од 30 дена од изборот/именувањето
Истече рокот за актуелниот пратенички состав да пријави имот и заклучно до денеска шест пратеници не доставиле изјава за имотната состојба по изборот на функција пратеник. За девет пратеници се уште тече рокот од 30 дена во кој треба да ја исполнат оваа законска обврска.
„Морам да кажам дека ваквиот голем број, односно ваквиот интерес и почитување на законската обврска функционерите да го пријавуваат својот имот се должи на нашата проактивна улога, бидејќи во многу наврати со соопштение испратено до медиумите и објавено на нашата веб страница поттикнавме и укажавме на законската обврска“,
изјави во интервју за ТВ 24, претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска.
Во однос на овие шест пратеници кои не го испочитувале законскиот рок, таа наведе дека е отпочната постапка за поведување на прекршочна постапка.
„Според моите податоци со кои располагам немаат никаков поднесок Петар Ристевски, Миле Цеков, Федите Хаџиу има уште рок, и Ељми Азили, ова се пратениците од новиот состав кои се уште немаат поднесено ниту во хартиена форма, ниту се пријавени во електронскиот систем“,
рече Димитровска.
Согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси избраните и именуваните лица имаат обврска да достават изјава за имотната состојба и интереси и промена на имотната состојба на интересите во електронска форма, во рок од 30 дена од изборот/именувањето, односно промената во имотната состојба и интересите.