Иако бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво е мал, сепак со оглед на тоа дека во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на Сарс-ков-2 да се зголемува, „што ја нагласува континуираната потреба од епидемиолошки и вирусолошки надзор на национално и на регионално ниво“, се вели во извештајот на ИЈЗ
Шест нови случаи позитивни на ковид-19 се евидентирани од 6 до 12 јануари, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Како што информираат оттаму, по два случаи се регистрирани во Куманово и во Струмица, а по еден во Скопје и во Кичево.

Пет лица од новите случаи се на возраст над 60 години, а еден од регистрираните спаѓа во возрасната група од 40 до 49 години.
Во текот на 2025 година, а заклучно со 12 јануари, регистрирани биле вкупно 11 заболени лица од ковид-19.
Од ИЈЗ наведуваат дека ниската стапка на трансмисија на вирусот Сарс-ков-2, намаленото известување и малиот број на примероци за тестирање преку сентинел системите, имаат влијание врз способноста за прецизно да се процени епидемиолошката ситуација.
Според Институтот, кај лицата над 60 годишна возраст е најголем ризикот од компликации поврзани со болеста.
„Популацијата на ЕУ/ЕЕА севкупно има значително ниво на хибриден имунитет – претходна инфекција плус вакцинација – бустер дози, што дава заштита од тешка болест. Лицата на возраст од 60 години се со најголем ризик од тешка болест. Хоспитализациите на лица со потврден ковид-19, приемите во интензивна нега и смртните случаи остануваат на ниско ниво во земјите на ЕУ/ЕЕА. Овие податоци во Република Северна Македонија не се достапни“,
велат од ИЈЗ.
Иако бројот на заболени од ковид-19 на неделно ниво е мал, сепак со оглед на тоа дека во тек е периодот на зголемена циркулација на респираторни вируси во северната хемисфера, постои ризик активноста на Сарс-ков-2 да се зголемува, „што ја нагласува континуираната потреба од епидемиолошки и вирусолошки надзор на национално и на регионално ниво“, се додава во извештајот.
„Се препорачува следење на основните мерки за превенција на ковид-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка, обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход – како што се повозрасните лица“,
велат од Институтот за јавно здравје.
