Состојбата на јужната граница е стабилна, ќе реагираме превентивно и според сите можни сценарија, истакна денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска во касарната „Илинден“ каде што информираше дека викендов се започнати подготовките да се зголеми присуството на полицијата и армијата на пограничната линија поради настаните на турско-грчката граница со мигрантите.
„Во моментот притисокот на нашата граница не и изразен повеќе од претходно, главниот притисок е на грчко-турската граница. Факт е дека тоа предизвика одредено повлекување на грчките сили да се фокусираат на турската граница и тоа предизвика придвижување на мигрантите кои веќе беа во Грција кон северот на Европската Унија“,
истакна Шекеринска.
Шекеринска апелира да не се шират лажни вести и да не се создаваат дезинформации, без разлика која е причината и каква агенда стои зад тоа.
Таа посебно ја посочи информацијата од утринава за насилства и проблеми на границата кај Битола, за која рече дека е целосно неточна.
Министерката информираше дека имаат комуникација со Фронтекс и дека вчера на управувачкиот комитет побарале продолжување на ангажманот на полицијата од Фронтекс на нашата јужна граница.
„Ги знаеме потребите, знаеме дека состојбата може да стане посериозна, имаме точно оперативни планови и во полицијата и во армијата и, согласно информациите на терен, ќе ги носиме одлуките. Од вчера нивниот број е подигнат“, изјави денеска Шекеринска.
Поради заканата од нов миграциски бран, со кој веќе се соочуваат соседните држави како Грција и Бугарија, откако Турција им го отвори патот на бегалците и мигрантите кон европските земји, македонскиот државен врв денеска оди во обиколка на граничните премини.