„Јавното обвинителство може да истражува сè и во ниеден момент никој од нас не се обиде тоа да го спречи. Ако земеме список кој сè бил кај не само криминалецот, туку и кај бегалецот Груевски, ВМРО-ДПМНЕ треба да ја затвори партијата“, вели вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во неделното интервју на Радио Слободна Европа, во врска со јавното барање од ВМРО -ДПМНЕ Јавното обвинителство да постапи според сведочењата во случајот „Рекет“ и да утврди што таа барала во домот на првообвинетиот Бојан Јовановски.
„Барањата на ВМРО-ДПМНЕ никогаш не се насочени кон правда, туку секогаш се насочени кон лаги, дезинформации и бегство од одговорност. Приказната или нивните реакции врзани за овој случај е ишкање на мувата за да не видиме колку државата се променила во овие две ипол години“,
вели Шекеринска.
На обвинувањата од опозициската партија дека истрагата за случајот „Рекет“ треба да утврди дали има поврзаност на врвот на СДСМ, Шекеринска истакнува дека за разлика од претходната власт, оваа преку истрагата за „Рекет“ покажака дека никој не е над законот.
„За нецели шест месеци имавме од наоди во јавност, истрага, предистрага, обвинителен акт, неколкумина во притвор и рочишта коишто се случуваат по неколку во неделата. Знаете зошто? Заради тоа што никој од владата, од владејачкото мнозинство или од политичарите не диктира веќе пресуди. Не го креваме веќе телефонот на судии и на обвинители да им кажеме што да прават. И пораката од почетокот на владата беше иста – за секој мора да важи законот. Никој не е над законот и случајот ‘Рекет’ и сите истраги поврзани со тоа покажаа дека навистина никој не е над законот. Она што го прави ВМРО-ДПМНЕ е да не натера да не гледаме како сега и во функција на опозиција се трудат да ја опструираат правдата“, вели Шекеринска за Радио Слободна Европа.