Попладнево се одржа телеконференциски состанок на министрите за одбрана на НАТО. Ова беше и прво учество на вицепремиерката и министерка за одбрана Рамдила Шекеринска на ваков состанок како полноправен член на НАТО.
Темата на состанокот биле предизвиците и борбата против коронавирусот. Состанокот го отворил генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а министерката Шекеринска заедно со другите министри од одбраната имале одвоени излагања.
Шекеринска се заблагодарила за поддршката што ја доби нашата земја за приемот во НАТО и ја истакна нашата подготвеност за соработка со сојузниците во борбата против пандемијата.
„Благодарни сме што нашите пријатели од САД, Турција, Чешката Република, Норвешка, Унгарија, Словенија, Обединетото Кралство, Холандија и Бугарија испратија помош до нас во оваа голема криза. Помошта ни значи многу бидејќи е во услови на општа загрозеност на сите држави и ги става на тест националните здравствени системи низ целиот свет“,
рече министерката.
Таа упатила порака до генералниот секретар на Алијансата и до министрите за одбрана дека „нашата држава добро знае што значи да се притекне во помош кога е тоа потребно” и ја изразила нашата подготвеност за поддршка на КФОР во услови на медицински итни потреби.
Шекеринска, исто така, упати сочувство за жртвите од пандемијата и изрази увереност дека НАТО со својот широк спектар на активности ќе придонесе за побрзо и поефикасно справување со здравствената криза.