Не реков дека припадниците на МВР се заразиле на прославата на Денот на полицијата, туку дека четворица од припадниците на МВР кои биле на прославата денеска се позитивни на ковид-19, возврати вицепремиерката Радмила Шекеринска откако министерот за внатреши работи испрати демант во врска со заразените со ковид-19 во Единицата за брзо распоредување.
„Наќе Чулев го згреши демантот. Од нервоза. Кога виде дека не го бранат ни неговите партиски колеги, кога виде дека ‘го пушта низ вода’ потпретседателот на неговата партија, во брзањето ги измеша демантите.Реши да го демантира тоа што не е кажано. Јас не реков дека припадниците на МВР се заразиле на прославата на МВР, туку дека четворица од припадниците на МВР кои биле на прославата денеска се позитивни на ковид-19. Тоа само потврдува дека собирањето на повеќе од 50 лица на едно место, кога сите собири се откажаа поради заразната болест, е врвна неодговорност и ставање на припадниците на МВР и гостите во ризик. На ова ниту ДПМНЕ ниту Чулев немаат демант. Ова неодговорно однесување покажува колку не се грижат за здравјето на граѓаните, ниту за своите колеги“,
напиша Шекеринска на фејсбук.
Преписката на двајцата членови на техничката влада почна откако Шекеринска, на дебата на ТВ 24, каде што соговорник ѝ беше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, откри дека четворица припадници на МВР заразени со коронавирус биле на прославата по повод Денот на полицијата.