Војната можеби засега е во ќор-сокак, но Буданов е категоричен дека Украина на крајот ќе ја врати целата територија што сега е под окупација, вклучувајќи го и Крим, полуостров што Русија го зазеде во 2014 година. Тој предвидува Украина да се врати на нејзините граници од 1991 година, кога беше прогласена независноста по распадот на Советскиот Сојуз
Шефот на украинската воена разузнавачка агенција изјави дека борбите во Украина моментално се во мирување бидејќи ниту Украина, ниту Русија во моментов не можат да постигнат значителен напредок. „Ситуацијата едноставно е заглавена“, рече Буданов во интервју за Би-би-си. Откако украинската армија го врати Херсон во ноември, повеќето од најжестоките борби се водеа околу Бахмут во областа Донецк. На друго место, руските сили се чини дека се во дефанзива, а зимата ги забави копнените операции на Украина.
Буданов рече дека Русија „сега е целосно во ќор-сокак“ и трпи многу значителни загуби и смета дека Кремљ одлучил да објави нова мобилизација на регрути. Тој, исто така, наведува дека на украинските сили им недостасуваат ресурси за напредување.
„Со големо нетрпение очекуваме нови набавки на оружје и пристигнување на понапредно оружје“,
рече Буданов.
Претходно овој месец, по серијата руски воени неуспеси, украинските власти предупредија на можноста за нова копнена офанзива на московските сили од Белорусија на почетокот на 2023 година. Сепак, Буданов ја отфрли можноста.
„Засега не гледам знаци на подготовки за инвазија на Киев или северните региони од Белорусија“,
вели тој.
Интервјуто со Буданов се случи неколку дена откако рускиот претседател Владимир Путин отпатува во белоруската престолнина Минск за првпат по повеќе од три години. Неговата посета ги поттикна шпекулациите дека тој може да се обиде да го убеди претседателот Александар Лукашенко, долгогодишен сојузник, да испрати белоруски трупи во Украина.
Војната можеби засега е во ќор-сокак, но Буданов е категоричен дека Украина на крајот ќе ја врати целата територија што сега е под окупација, вклучувајќи го и Крим, полуостров што Русија го зазеде во 2014 година. Тој предвидува Украина да се врати на нејзините граници од 1991 година, кога беше прогласена независноста по распадот на Советскиот Сојуз.