Претходно денеска оставки поднесоа уште тројца украински министри, ја информираше јавноста претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска поднесе оставка. Тој стана шестиот владин министер кој поднесе оставка во изминатите два дена, со што стана јасно дека украинската влада минува низ најголемите промени од почетокот на руската инвазија кон крајот на февруари 2022 година.
За оставката на Кулеба извести шефот на украинскиот парламент Руслан Штефанчук, кој рече дека оставката на Кулеба ќе биде разгледана на една од следните пленарни седници, но не прецизира датум.
Неговата оставка на платформата Икс ја коментираше и Оливер Керол, дописник на „Економист“ за Русија и Украина, кој наведува дека веќе подолго време се шпекулирало за оставката на Кулеба.
„Неговиот стил, со нагласена независна комуникација со Западот, не секогаш одговараше на канцеларијата на претседателот на Украина. Во приватните разговори тој беше обвинуван дека не ја ‘турка нивната агенда’“,
напиша Керол.
Ukraine’s FM Dmytro Kuleba submitted resignation this AM. It’s been long rumoured. His style, strong on independent strategic communications with the west, didn’t always sit well with the more excitable presidential office. In private they accused him of not pushing their agenda
— Oliver Carroll (@olliecarroll) September 4, 2024
Кој сѐ поднесе оставка вчера
Синоќа оставки поднесоа потпретседателката на украинската влада за европски и евроатлантски интеграции Олха Стефанишина и потпретседателката на владата и министерка за реинтеграција на привремено окупираните територии Ирина Верешчук.
„Денеска, по речиси три години во владата, поднесов оставка. Му благодарам на претседателот за укажаната доверба! Им благодарам на премиерот и членовите на владата за соработката! Им благодарам на пратениците за поддршката! Му благодарам на тимот на Министерството за реинтеграција за неговата напорна работа и решителност“,
напиша Верешчук на Фејсбук.
Претходно денеска оставки поднесоа уште тројца украински министри, ја информираше јавноста претседателот на украинскиот парламент Руслан Стефанчук.
„До Врховната рада на Украина беа поднесени писма со оставки од следниве функционери: Олександр Камишин, министер за стратешка индустрија на Украина; Денис Маљуска, министер за правда на Украина; Руслан Штрилец, министер за животна средина и природни ресурси на Украина. Виталиј Ковал, шеф на Фондот за државна сопственост на Украина, исто така испрати писмо со оставки“,
напиша Стефанчук.
Тој најави дека за овие оставки ќе се расправа на претстојната пленарна седница. Причините за оставките не беа наведени, а само Камишин најави дека останува во одбраната, но на друга функција.
Претседателот Володимир Зеленски го разреши и Ростослав Шурма од функцијата заменик-шеф на кабинетот на претседателот. Претходно вчера извори на „Украинска правда“ од кабинетот на претседателот потврдиле дека Зеленски би можел да го отпушти Шурма во наредните денови.
Шурма во август минатата година беше спомнуван во контекст на скандалот со државните исплати за окупираните соларни централи.
„Промените се случуваат во клучен момент од конфликтот“
Зеленски рече дека промените во владата, кои се случуваат во клучен момент од конфликтот, се неопходни за да да се постигнат резултатите што ѝ се потребни на Украина.
„Есента ќе биде исклучително важна за Украина. И нашите државни институции треба да бидат поставени така што Украина ќе ги постигне сите резултати што ни се потребни, за сите нас“,
рече тој вчера.
Руските сили напредуваат во источна Украина. Силите на Киев го нападнаа регионот Курск, а Москва ги засили нападите со беспилотни летала и проектили во последните неколку недели. Давид Арахамија, висок претставник на партијата на Зеленски, вчера изјави дека ќе има „големо ресетирање на владата“ во кое ќе се сменат повеќе од половина од министрите.