Од граѓанската иницијатива, која има тројца советници во Општина Центар, континуирано го обвинуваат Герасимовски дека спроведува бетонизација на „Треска“. Досега тој се бранеше дека ако не се постапува по актуелниот ДУП тогаш тоа е кршење закон
Граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ пред Уставниот суд го спори деталниот урбанистички план за Буњаковец во чии рамки спаѓа и просторот на поранешната фабрика „Треска“, со цел да го спречат неговото понатамошно спроведување зашто сметаат дека штети на јавниот интерес.
Иницијативата до Уставен е доставена на 14 јули, а главна теза на подносителите е дека деталните урбанистички планови треба да бидат во согласност со генералните урбанистички планови, што, како што велат, не е случај со планот за Буњаковец.
„Планот за Буњаковец предизвикува ризици за здравјето, безбедноста на локалната заедница и квалитетот на живот. Во ДУП се отсликува практиката на планирање од изминатава деценија, а со главен белег на зголемување на површините за домување и бројот на жители. Истовремено, се намалуваат површините под зеленило, јавните површини и објектите со социјална или образовна намена. Затоа бараме од Уставниот суд да го стави надвор од сила и да го заштити правото на граѓаните на чиста и здрава животна средина“,
соопшти „Шанса за Центар“.
Оттаму велат дека планот предвидува изградба на нови објекти на подрачјето на поранешната фабрика „Треска“, што би значело уништување на просторот и реализирање на т.н. „наполитанки“.
„Претходното раководство на општината се обиде со институционални механизми како мораториумот и суспензијата да го стопира реализирањето на овој план, а со поддршка на еминентни професионалци од областа се направи урбанистички конкурс за уредување на овој значаен простор. Но промената на власта во Центар, и доаѓањето на градоначалникот Горан Герасимовски ги запре и прекина сите заложби за похумано уредување на овој простор и отвори простор за инвеститорско-профитерските спреги да се стават над јавниот интерес“,
тврдат од „Шанса за Центар“.
Од граѓанската иницијатива, која има тројца советници во Општина Центар, континуирано го обвинуваат Герасимовски дека спроведува бетонизација на „Треска“.
Досега, Герасимовски се бранеше дека ако не се постапува по актуелниот ДУП кај „Треска“ тогаш тоа е кршење закон.