Тој нагласи дека е против онлајн настава и најави дека ќе бидат разгледани нови мерки, како во делот на безбедноста, така и во делот на проблемите што ги имаат родителите кои работат и не се во можност да излезат од работа за да ги земат своите деца од училиште кога има закани за поставени експлозивни направи
Државна матура ќе има, уверува министерот за образование Јетон Шаќири кој денеска во изјава за медиумите посочи дека од безбедносен аспект е формирана работна група која ги разгледува сите чекори кои би требало да се преземат за да не биде загрозено полагањето матура поради лажните дојави за бомби.
Тој нагласи дека е против онлајн настава и најави дека ќе бидат разгледани нови мерки, како во делот на безбедноста, така и во делот на проблемите што ги имаат родителите кои работат и не се во можност да излезат од работа за да ги земат своите деца од училиште кога има закани за поставени експлозивни направи.
„Јас како министер сум кажал дека сум против онлајн настава. Но, ова се препораки за да не се загуби настава, ќе ги разгледаме проблемите во училиштата. Имаме родители кои работат, ќе разгледам нови предлог-решенија. Ние секојдневно зборуваме со Комитетот за безбедност и дел од препораките се според некои нивни заклучоци. Мислам дека сега имаме нова ситуација, бидејќи сега повеќе дојави има во основните отколку во средните училишта. Затоа сега ќе ги разгледуваме и проблемите што произлегоа по дојавите за бомби и во основните училишта“,
рече Шаќири.
Во однос на вчерашниот проблем со апликацијата за онлајн настава „Тимс“, министерот појасни дека апликацијата не функционирала кај оние училишта каде што првпат имало закана за поставена бомба. За училиштата кои почесто добиваат закани, пред сè средните, Шаќири вели дека учениците од тие училишта немале проблем да се најават на апликацијата.
Прашан зошто закани за поставени експлозивни направи има само во државните училишта, но не и во приватните, министерот за образование изјави дека и тој си го поставува тоа прашање.
„Не дека посакувам да има и во приватните, но да нема и во државните“,
рече Шаќири.
Дојави за поставени бомби и денеска имаше уште рано наутро во 18 училишта во Скопје.
„Денеска (02.03.2023) до 08:20 часот во МВР e пријавено дека на електронските адреси на 18 училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите“,
соопштија од МВР.
Вчера имаше рекордни 120 дојави за поставени експлозивни направи во скопски училишта. По направените проверки од страна на антитерористичките тимови, било утврдено дека сите пријави биле лажни.