Услугата помош и нега во домот ја доближуваме до старите лица. Таа е креирана согласно нивните потреби, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на доделувањето лиценца за вршење на услугата помош и нега во домот на стари лица во општините Бутел и Чучер Сандево.
За Шахпаска ова претставува дел од имплементација на социјалната реформа, проект што Министерството за труд и социјална политика (МТСП) го работи со поддршка на Светска банка за подобрување на социјалните услуги.
„Дополнително овозможуваме ангажман на негуватели коишто поминуваат низ систем на обука, конкретно за овие две општини, 25 негуватели ќе ја пружат помошта во домовите на возрасните лица над 65 години. И ова не е само една општина, односно две општини во кои оваа услуга се имплементира. Работиме насекаде во државата со 24 општини на вкупно 19 проекти,“
истакна Шахпаска.
Таа појасни дека во овој систем треба да поминат 900 корисници, а околу 300 негуватели ќе ја даваат услугата.
„Бенефитот е обостран како за корисниците кои добиваат индивидуализирана квалитетна услуга во нивните домови, значи услугите ги пуштаме во домовите и заедницата, а дополнително успеваме да ангажираме негуватели коишто се лица долго време отсутни од пазарот на трудот, тешко вработливи лица, лица коишто не го заокружиле своето образование и овозможуваме да заработуваат за сопствена егзистенција. На тој начин го подобруваме и нивниот животен стандард и генерално го подобруваме животот на сите чинители во една заедница,“
рече таа.
Градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, пак, посочи дека ова е значаен проект за помош и поддршка на повозрасните лица во општината.
„Денеска потпишуваме и ја примаме лиценцата за невладината организација „Адра“ која што ќе биде претставник за Општина Бутел и Општина Чучер Сандево“,
рече Смилевски.
Тој се надева дека во иднина ќе има повеќе вакви проскти со кои ќе се излезе во пресрет на потребите на жителите на општината.