По решавањето на долгогодишниот спор со Грција, земјата ја прославува 29-годишнината од прогласувањето на независноста како 30 членка на НАТО и во очекување до крајот на годината да биде означен почетокот на преговорите со ЕУ
Северна Македонија заокружува денеска 29 години од осамостојувањето на државата и прогласување независност од некогашната СФРЈ.
На референдумот што се одржа на 8 септември 1991 година, огромно мнозинството граѓани гласаа за независна држава, која уште од самите почетоци како свои приоритет ги постави членството во меѓународните организации и евроатлантската интеграција.
Следен важен чекор беше усвојувањето на новиот Устав во ноември 1991 година, а во април 1993 година Македонија беше примена за 181 членка на Обединетите нации, под привремената референца ФИРОМ.
По решавањето на долгогодишниот спор со Грција, со постигнувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, Северна Македонија ја одбележува 29-годишнината од прогласувањето на независноста како 30 членка на НАТО и во очекување до крајот на годината да биде означен почетокот на преговорите со ЕУ.
Централната свеченост по повод Денот на независноста ќе се одржи денеска претпладне во дворот на Владата, каде што обраќање ќе има премиерот Зоран Заев. Во Собранието, пак, ќе бидат доделени државните награди „8 Септември“ за животно дело, за исклучителен придонес во развојот на спортот, за афирмацијата и промоцијата на земјата на меѓународен план.
