Политички гледано, вие самите треба да си поставите рок до декември. Не зашто ќе ве мразиме по тоа или ќе ви се смееме, туку зашто времињата се менуваат и големи работи се случуваат во Европа, а тоа лесно се потценува зашто изгледа дека војната ќе трае долго време, изјави специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан
Северна Македонија е заглавена во место додека не го смени Уставот, порача вечерва во интервју за емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
„За ЕУ нема законски рок. Заглавени сте во место додека не го смените Уставот. Колку и да звучи лошо тоа. Тоа е јасно. Следниот чекор ќе се случи кога ќе се изгласаат измените. Државата сама треба да го направи тоа. Политички гледано, вие самите треба да си поставите рок до декември. Не зашто ќе ве мразиме по тоа или ќе ви се смееме, туку зашто времињата се менуваат и големи работи се случуваат во Европа, а тоа лесно се потценува зашто изгледа дека војната ќе трае долго време“,
рече Сарацин.
Тој порача дека Македонците не треба да ја пропуштат историската шанса на патот кон ЕУ.
„Промените на историјата се гледаат кога војната ќе заврши, но се случуваат додека таа трае. Кога САД стана суперсила? Дали во 1945? Или за време на Втората светска војна? Кога за 50 години луѓето ќе се осврнат на европската историја дали луѓето ќе мислат дека одлуката Украина да биде дел од ЕУ била донесена кога војната завршила или сега? Можеби на советот во декември ќе се случи историскиот миг. Мислам дека ова е нешто ново што треба да им се објасни на Македонците. Драги наши Македонци, знаеме дека го мразите договорот, но сега имате историска шанса. Не пропуштајте ја“,
порача Сарацин.
На прашањето, дали Албанија може сама да продолжи по патот до ЕУ ако Македонија не го смени Уставот, Сарацин изјави:
„Бев пратеник 30 години. Работев на проширувањето. Речиси 10 години бев еден од најсилните противници на разделувањето. Кога Албанија сакаше да се раздели, јас бев против. Македонците сакаа да се разделат, им реков не, вака и вака. Мислам дека мојата способност да го задржам својот став се намалува секој ден. Албанија е способна сама да чекори кон ЕУ. Ако Советот изгласа едногласно, можно е, но сѐ уште не се знае“.