Во текот на првиот месец од годинава во Тетово се поднесени кривични пријави против пет сторители на семејно насилство. Како што информира СВР Тетово, во истиот период се евидентирани шест кривични дела поврзани со семејно насилство од кои четири со нанесување телесна повреда и две со загрозување на сигурноста.
„Во јануари има поднесено вкупно 23 поплаки за семејно насилство во кои жртвите не побарале кривичен прогон за сторителите“,
информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Тетовската полиција ноќеска приведе две лица кои биле пријавени за два случаи за семејно насилство. Во првиот случај приведен е 50-годишник кој физички ја нападнал сопругата, а во вториот случај 26-годишник кој му се заканил на татко си дека ќе го убие.
„Во 20 часот, на улица ‘Видое Смилевски-Бато’ во Тетово лишен од слобода е 50-годишниот тетовец Т.С., кој околу 18 часот и 30 минути во семејниот дом физички ја нападнал 44-годишната сопруга. Во 21 часот, пак, на улица ‘Ѓорче Петров’ во Тетово приведен е 26-годишниот тетовец Џ.И., кој околу 20 часот го малтретирал и му се заканил по животот на неговиот 56-годишен татко“,
информира Јосифоски.
Двајцата приведени се задржани во полициската станица Тетово за расчистување и документирање на случајот, по што ќе следува соодветен поднесок.