Имер Селмани, поранешен кандидат за претседател на државата, во дебата за претседателските избори во емисијата „360 Степени“ на Алсат зборуваше за тоа дали ДУИ е предност или товар на кандидатот на власта.
– Прашањето ви е многу точно. Не може 100% ДУИ да ги мобилизира сигурно албанските гласачи, меѓутоа, од друга страна, не може кандидатот да смета 100% дека без ДУИ ќе победи лесно. Така што, ќе мора да се соочи со фактот дека ќе ја има поддршката на една политичка партија којашто е внатре во влада, со сите јаки и слаби страни, кои со неа одат во пакет, и дека ќе мора да најде начин како да даде порака до гласачот, дека се тоа што е лошо, дека нема да го практикува во својот мандат, или ќе најде начин како да го спречи да не се повтори лошото. А од друга страна ДУИ е политичка партија којашто, не само што има 10 пратеници во парламентот, туку има традиционални гласачи, коишто, ако не застане ДУИ зад тој кандидат, веројатно би се определиле, пред се, да не излезат да гласаат и да си апстинираат, да си гледаат сеир на денот на изборите – рече Селмани.
Тој зборуваше и за претседателските избори во 2014 година велејќи дека Ѓорге Иванов немаше да биде реизбран без гласачи од чисто албански средини кои помогнале и за исполнување на цензусот од 40%, а како пример ја наведе и соработката со ДПА.
– Ако ВМРО-ДПМНЕ, во најдоброто свое време, кога едноставно знаеја и до еден глас последен што ќе го имаат, ден пред тоа знаеја колку гласови ќе имаат на избори, ако тие не успеаја да направат и не беа сигурни дека ќе направат позитивен резултат со 40% плус 1 гласач, СДСМ, ни оддалеку, во ова време, во ова опкружување, со сите предности коишто ги носи измената на Уставот, Рамковниот договор, Законот за јазиците итн, меѓутоа и со сите негативни багажи кои се влечкаат, не може да очекува победа без поддршка и на Албанците но и на помалите етнички заедници, до последен гласач. Овие избори се многу комплицирани, не се едноставни. Идниот претседател ќе мора да смета на гласачите Албанци и помалите етнички заедници и да ги убеди да гласаат, ако сака да биде претседател. Инаку, тешко дека ќе има 40 отсто – рече Селмани.
Напишете коментар