Лидерот на Алијанса за Албанците му честита на Пендаровски за трите приоритети – демократија, интеграција во институциите на западната цивилизација и разновидноста на Северна Македонија, но, од друга страна, оценува дека државата е далеку од овие цели
Не можам да разберам како е можно, по ова бугарско условување, дека ниту вие лично ниту македонскиот политички естаблишмент немате ниту најмала рефлексија за тоа како Албанците се чувствуваат во Северна Македонија каде што нивниот национален идентитетот постојано се крши, му порачува Села на шефот на државата
Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во отворено писмо му честита на претседателот Стево Пендаровски за кажаното во интервјуто за „360 степени“ во контекст на трите приоритети кои Пендаровски ги истакна во неговиот претседателски мандат: демократија, интеграција во институциите на западната цивилизација и разновидноста на Северна Македонија, каде што секој член на етничките или религиозни заедници има еднакви права.

Но, во писмото Села вели дека жали што државата е далеку од овие цели на претседателот.
Села понатаму ја коментира и изјавата на Пендаровски дека ако цената да влеземе во Европската Унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува некако поинаку освен македонски јазик, не ни треба Европската унија.
„Не, господине Претседател, граѓаните на оваа земја никогаш нема да се согласат да се откажат од ЕУ“,
вели Села.
Toj прави споредба на реакцијата на неодамнешното бугарско условување со јазикот на евроинтеграциите и односот на, како што вели, македонскиот политички естаблишмент на тоа „како Албанците се чувствуваат во Северна Македонија каде што нивниот национален идентитетот постојано се крши“.
„Секој државник и човек на земјата би бил толку навреден колку што сте и вие. Сепак, она што не можам да го разберам е како е можно, особено по ова бугарско условување, дека ниту вие лично ниту македонскиот политички естаблишмент немате ниту најмала рефлексија за тоа како Албанците се чувствуваат во Северна Македонија каде нивниот национален идентитетот постојано се крши. Велите дека не можете да верувате дека во 21 век некој може да негира јазик кој е кодиран и практикуван со децении. Да, господине Претседател, сè уште има такви случаи во 21 век. И да се најде таков пример не треба да гледате кон Софија. Доволно е да погледнете во вашиот двор, Северна Македонија во која вие претседавате, за да видите како државата го негира ова исто право на Албанците, на уште побрутален начин, именувајќи го албански јазик како ’јазик што го зборуваат најмалку 20 отсто од населението и кој е различен од македонскиот’“,
пишува претседателот на Алијансата на Албанците во неговото отворено писмо упатено до претседателот Стево Пендаровски.
Во одговор на писмото на Села за Нова ТВ, од Кабинетот на Пендаровски велат дека претседателот Пендаровски својот афирмативен став кон албанскиот јазик го има покажано во повеќе наврати во својата политичка кариера, вклучувајќи ја и парламентарната дебата и гласањето на Законот за јазици во Собранието и дека претседателот во потполност ја поддржува заложбата на господинот Села за целосна рамноправност на сите граѓани во земјата, независно од нивната етничка припадност, вклучително и во изразувањето на нивниот јазичен идентитет.
Целосното интервју на претседателот Пендаровски за „360 степени“ може да го погледнете на следниот линк.