Истрагата е во тек, штом добиеме официјални информации веднаш ќе бидете информирани, рекоа денеска од Собранието на инсистирање на новинарите
Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов, да ја прекине комисиската работа „додека не се истражи што се случувало на седницата на ова собраниско тело“
Секторот за компјутерски криминал на Министерството за образование го истражува инцидентот на јутјуб-каналот на Собранието поради кој во петокот минатата недела беше прекинато реферерирањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски за случајот со државјанството на контроверзниот украинец, Олександр Онишченко.

„Случајот е пријавен во Секторот за компјутерски криминал и веќе се постапува по него“,
велат од МВР.
Од Јавното обвинителство на прашање на „360 степени“ дали се известени за случајот и дали евентуално е отворена постапка од страна на надлежно Основно јавно обвинителство велат:
Јавното обвинителство ги следи сите информации и доколку бидат утврдени елементи на кривично дело во настанот, ќе постапи согласно своите законски надлежности.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во петокот побара од претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, Љупчо Пренџов, да ја прекине комисиската работа „додека не се истражи што се случувало на седницата на ова собраниско тело“.
Имено, во петокот додека беше во тек седницата на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање, на која директорот на АНБ, Димовски реферираше за улогата на Агенцијата во давањењто зелено светло за издавање на македонско државјанство на Олександр Онишченко се случи безбедносен пропуст. Според она што досега е познато, додека траеше комисиската седница на јутјуб-каналот на Собранието одела слика од пленарната седница, но и аудио од излагањето на Димовски.
Излагањето на Димовски, на негово барање, a кое беше прифатено од членовите на Комисијата, беше затворена за јавноста поради класифицираноста на информациите, а за да се зачува „конспиративноста на седницата“, собраниските служби за безбедност бараа од членовите на Комисијата да ги остават мобилните телефони и чантите пред влезот на салата.
Во текот на пленарната седница, која се одржуваше истиот ден и заради која беше дадена пауза на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР, пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов го извести претседателот на Собранието, Талат Џафери кој побара да се истражи што се случувало на седницата на ова собраниско тело.
Од Собранието денеска не може да се добијат повеќе информации за случајот, освен дека Законодавниот дом чека на резулатите од истрагата на МВР.
„Истрагата е во тек, штом добиеме официјални информации од МВР, ќе бидете веднаш информирани“,
рекоа денеска од Собранието на инсистирање на новинарите.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, во петокот истакна дека е очигледно оти има ситуација што треба да се истражи и за која треба да имаме конкретни информации што се случи.
„Ваков скандал не треба да го коментираме од место, да реагираме на колегата Трајанов или, пак, да го премолчиме. Сите треба да работиме да превенираме вакво нешто затоа што многу често ни се случуваат пропусти во безбедносниот систем и во функционирањето на државата“,
рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Директорот на АНБ, Димовски вом петокот, откако беше прекината седницата на Комисијата во изјава за медиумите рече дека по интерната проверка што ја спровела Агенцијата било утврдено дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО-партнерите пред да се даде позитивно мислење за издавање на македонско државјанство на украинецот Олександр Онишченко, кој се наоѓа на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави.