Додека во прилепската полиција телефонски пријавувал оти во училиште во Прилепско е поставена бомба, седумгодишникот бил во друштво на неколку други малолетници, најверојатно негови врсници
Седумгодишник од Прилепско вчера преку својот мобилен телефон во полиција пријавил дека во училиште во селото Житоше, Општина Долнени, е поставена бомба. Додека телефонски разговарал со прилепската полиција, малолетникот бил во друштво на неколку други малолетници, најверојатно негови врсници.
Секторот за внатрешни работи (СВР) Битола информира дека пријавата била добиена вчера во 18:16 часот.
„Полицијата го расчисти случајот и констатирано е дека станува збор за лажна пријава. Извршени се службени разговори со малолетниците, во присуство на родители, при што тие го појасниле начинот на кој го извршиле делото“,
појаснуваат од СВР Битола.
Во меѓувреме, Надворешната канцеларија за криминалистички работи при прилепската полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Прилеп поднела извештај поради лажно пријавување за кривично дело тероризам кое е казниво според Кривичниот законик.
Бидејќи се работи за малолетник, и тоа седумгодишен, од Обвинителството велат дека за конкретниот случај ќе биде известен Центарот за социјални работи кој е надлежен да разговара со родителите на малолетникот и да им биде упатен укор.