Според пишувањата на Би-би-си, утринава експлозии се слушнале и над главниот град Киев, a биле погодени и станови во градот Криви Рих
Седум лица, од кои три деца, се убиени во западниот украински град Лавов за време на денешниот нов бран руски напади, пренесува Би-би-си.
Според градоначалникот на Лавов, Андриј Садови, Русија рано утринава нападнала со беспилотни летала и хиперсонични ракети. Меѓу убиените има бебе, 14-годишно девојче и една жена.
Садови вели дека голем број станбени згради се во пламен, а две училишта денеска ќе останат затворени како резултат на нападите.
Според пишувањата на Би-би-си, утринава експлозии се слушнале и над главниот град Киев додека противвоздушната одбрана гаѓала руски ракети.
Во меѓувреме, како што соопшти гувернерот на областа Днепропетровск, Серхиј Лисак, пет лица биле повредени откако биле погодени станови во градот Криви Рих.
Меѓу ранетите има жени на возраст од 62, 83 и 84 години, 70-годишен маж и 10-годишно девојче. Детето е хоспитализирано. Во нападот бил оштетен хотел, а искршени биле прозорците во неколку станбени згради, рече Лисак.
Украинската војска соопшти дека целата земја е ставена под воздушна тревога.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалната мрежа Икс потврдува дека во нападот се загинати пет лица, меѓу кои и едно 14-годишно девојче, а дека бројот на повредени е над 30 лица.
„Секој од нашите партнери ширум светот кој ѝ помага на Украина со воздушната одбрана е вистински бранител на животот. Секој што ги убедува партнерите да ѝ обезбедат на Украина повеќе можности со долг дострел, овозможувајќи ни да одговориме праведно на теророт, работи на спречување такви руски терористички напади врз украинските градови. Теророт мора да се запре“,
пишува Зеленски.
Russian missiles against our cities and people. The strike on Lviv killed 5 people, including a 14-year-old girl. My condolences go out to the families and loved ones of the victims. More than 30 people were injured. Ordinary residential buildings, schools, and medical facilities… pic.twitter.com/RYeA2k1PY8
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) September 4, 2024
Денешниот напад доаѓа додека Украина сè уште се закрепнува од вчерашниот удар во кој загинаа најмалку 50 луѓе во воениот институт во централниот град Полтава.
Спасувачите продолжуваат со потрагата по преживеани низ урнатините на воениот институт во Полтава.
„Луѓето немаа доволно време да стигнат до засолништата за бомби откако се огласи алармот за воздушен напад“,
соопшти украинското Министерство за одбрана.