По интервјуто за ТВ Сител во кое претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека на утрешната пленарна седница наменета за уставните измени ќе се покаже дека неговата партија нема да гласа за уставните измени, со реакција се јавија од СДСМ
Од СДСМ велат дека нема повеќе простор за Мицкоски и неговите манипулации и дека седницата за уставните измени ќе покаже дали тој и неговата партија се за или дефинитивно против интеграција на С Македонија во Европската унија. Од таму велат и дека Мицкоски со голема леснотија кажува дека е подготвен да ја блокира европската иднина на граѓаните исто како и неговиот претходник, Никола Груевски.
„За лични цели, против подобар живот и против стратешката цел за членство во ЕУ. Седницата е последна можност, да покаже Мицкоски дали избрал интеграција во ЕУ или изолација, седнат во скутот на Левица. Доколку ја одбере Левица и анти-европскиот блок Мицкоски отворено застанува против Македонија, против врвните национални и државни интереси на македонската држава-членство во ЕУ”,
велат од СДСМ.
Мицкоски претходно денеска кажа дека утре во Собранието нема да ги има препознатливите транспаренти и маици кои пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги носеа кога во законодавниот дом лани беше прифатен францускиот предлог, туку дека само еден од пратениците ќе се обрати, по што ќе биде јасно дека уставни измени нема да има. Тој кажа дека жали што актуелната Влада била затворена во едноумие и не комуницирала со опозицијата.
„Не можат да го испорачаат тоа што го ветија, а тоа што го прифатија никој нормален не би го прифатил, но тие го прифатија за да останат ден повеќе на власт. По завршувањето ќе продолжат со своеглав инает наместо да излеземе на избори”,
рече Мицкоски.