Неизвесно е дали утре напладне, за кога е закажано продолжението на седницата, ќе биде гласањето за разрешување на министрите и заменици-министрите од Алтернатива затоа што за збор има пријавено голем број пратеници, особено од опозицијата

Собраниската седница на која се расправа за реконструкција на Владата ќе продложи утре напладне, одлучи потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој ја водеше седницата.
Во денешната расправа за предлогот за разрешување на кадрите од Алтернатива, кои досега беа дел од Владата, пратениците од власта и од опозицијата продолжија со меѓусебни критики и жестоки обвинувања.
Неизвесно е дали утре ќе биде гласањето за разрешување на министрите и заменици-министрите од Алтернатива, затоа што за збор има пријавено голем број пратеници, особено од опозицијата.
Денеска, во полупразната собраниска сала, најмногу говореа пратениците од опозицијата, но реплики добиваа како од мнозинството во Собранието, така и од новиот коалициски партнер Алијанса за Албанците.
Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање рече дека станува збор за разрешувања кои немаат врска со програмата на Владата која беше предложена пред само една година, туку имаат цел и се поврзани со партиските пазарења.
„Тие наликуваат на ‘Пазар 3’-понуда, побарувачка, односно кој побарува повеќе, кој ќе понуди повеќе. На тој начин се составува и реконструира оваа влада. Се пазарите на грбот на македонскиот народ“,
рече Лефков.
На крајот на денот, додаде тој, сметката за вашата неспособност ја плаќаат граѓаните.
Во реплика, Соња Мираковска од НСДП му порача дека ова не е време на ВМРО-ДПМНЕ, туку на храбри политичари кои носат храбри одлуки во интерес на граѓаните.
„Тука сме за да го одработиме она што го ветивме. Оваа реконструкција е за европската иднина“,
посочи Мираковска.
На тоа, во контрареплика, Лефков ѝ рече дека можноста да се одлучува за народот се исцрпува на избори.
Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека и да се изгласа оваа влада, како што рече, привидното мнозинство нема да може да овозможи нормално работење на Собранието. Тоа, додаде таа, ќе го видите за две до три недели од изгласувањето на Владата.
„Таравари нема ништо да ви донесе повеќе од она што веќе го имате“,
рече Лашкоска.
Фадил Зендели од БЕСА во својот говор рече дека БЕСА ќе остане опозициска партија сè додека не се одржат наредните избори, без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни.
„Цениме дека денеска не е време да се разговара за разрешување на министри, туку е време да се оди на предвремени избори, бидејќи Владата потфрли во обезбедувањето добар стандард на нашите граѓани, а нема ни резултати во областа на владеењето на правото и корупцијата. Не можеме да кажеме дека сте за европски принципи, туку се работи само за математика и бројки. Имаме само влада која сака да преживее и да купи време. Не е време да имаме таква влада, туку влада со целосен капацитет“,
посочи Зендели.
По неговото излагање имаше серија реплики од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во кои го поддржаа неговото тврдење.
Дневниот ред на седницата, вчерa беше изгласан со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“. Пратениците, според редоследот, прво ќе треба да се изјаснат за разрешувањата на актуелните министри и заменик-министри, а потоа за изборот на новите предложени од премиерот.
Според предлогот на Ковачевски, се предлага разрешување на министрите за здравство – Беким Сали, за информатичко општество и администрација – Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, како и замениците за земјоделство – Абдулшуќур Абедини и за образование и наука – Лулзим Алиу. Сите се кадри на Алтернатива.
Предлог за разрешување има и за заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кој е дел од „огнената група“ во ДУИ.
Вчера, Собранието ги констатираше оставките поднесени од министрите за правда Никола Тупанчески (СДСМ) и за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини (ДУИ), како и за заменик-министрите за правда Агим Нухиу (ДУИ) и за здравство Владимир Рендевски (СДСМ).