На веб-страницата на Собранието на С Македонија, за утре е закажана 151 седница на која како единствена точка стои давањето на свечена изјава на новиот претседател на земјава во салата „Македонија“
Утре точно на пладне, победничката на претседателските избори, професорката Гордана Силјановска-Давкова ќе даде свечена изјава со што и официјално ќе биде инаугурирана како шестиот претседател на државата. Од утре, започнува да тече нејзиниот петгодишен мандат во вилата „Водно“. Таа доаѓа на местото на актуелниот претседател Стево Пендаровски, чиј мандат истекува токму утре. Според објавените информации на веб-страницата на Собранието, ова е единствената точка на седницата која е закажана за утре.

Оваа формалност доаѓа откако денеска, Државната изборна комисија на прес-конференција, утринава ги објави конечните резултати од гласањето на изборите за претседател на 8 мај. ДИК констатираше дека за претседател е избрана професорката Гордана Силјановска-Давкова со мнозинство од гласовите, односно 561 000, додека нејзиниот опонент, професорот Стево Пендаровски освои 251 899 гласови. Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше едногласно усвоен на седницата.
По добивањето на Уверението за избор на Претседател на државата од ДИК, Силјановска-Давкова во изјава за МИА кажа дека овој чин секогаш претходи на прогласувањето и означува формална круна на изборите, притоа заблагодарувајќи се на сите чинители за организирањето на успешните избори.