Тој од жената барал да каже дека ништо во врска со претходниот настан не се случило, дека се смирени и живеат заедно без никакви проблеми. Откако разбрал дека и покрај ваквите сугестии жената останала на претходната изјава, тој и се јавил телефонски и и се заканил дека ќе ја убие, поради што таа не се вратила дома
Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против 50-годишник за кривично дело загрозување на сигурноста, кој се сомничи дека и се заканувал на својата сопруга оти ќе ја убие ако не ја повлече пријавата за семејно насилство. Од Обвинителството велат дека за него е доставен предлог за определување мерка притвор до надлежниот суд.
Осомничениот, како што се наведува во соопштението од Обвинителството, ја загрозил сигурноста на сопругата на која на 20 јули, при вршење семејно насилство, сериозно се заканил пред да даде исказ во врска со претходна пријава за семејно насилство.
„Тој од жената барал да каже дека ништо во врска со претходниот настан не се случило, дека се смирени и живеат заедно без никакви проблеми. Откако разбрал дека и покрај ваквите сугестии жената останала на претходната изјава, тој и се јавил телефонски и и се заканил дека ќе ја убие, поради што таа не се вратила дома. Потоа осомничениот отишол на нејзиното работно место и пред нејзиниот претпоставен започнал да вика дека жената не смее да работи таму и дека ако ја најде ќе ја убие. Конечно, отишол и кај родителите на оштетената пред кои ги повторил заканите, со што предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“,
велат од Обвинителството.

Од Обвинителството информираат за уште еден случај на семејно насилство во Тетово, против 32-годишник осомничен за предизвикување телесна повреда и загрозување на сигурноста. Осомничениот на 19 јули, во семејниот дом во Тетово, го нападнал својот татко, удирајќи го со тупаници по главата и телото.
„Кога оштетениот успеал да избега и да се засолни во другата соба, осомничениот продолжил да му се заканува дека ќе го убие. Во однос на овој осомничен, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува во Судот, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување и воспоставување контакти со оштетениот“,
посочуваат од Обвинителството.
