Министерот вели дека со донесувањето на овие законски решенија ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес со оглед на тоа што актуелните закони се од 1995 односно од 2007 година и, како што рече, не соодветствуваат со реалните потреби

Средношколците кои завршуваат стручно образование ќе треба да полагаат академски испит ако сакаат своето образование да го продолжат на факултет. Оваа новина е дел од Законот за средно образование кој вчера беше усвоен на владина седница, а денеска министерот за образование и наука ги објасни новините. Покрај академскиот испит се воведува и полагање на стручна матура.
„Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите односно се запишани во четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование, завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура, завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава“,
објасни министерот Шаќири на денешната прес-конференција во Владата.
Шаќири даде објаснување и за полагањето на стручната матура, односно дека таа се однесува на учениците кои ја завршуваат последната година на стручното образование со четиригодишно траење.
„По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ програма) учениците полагаат меѓународна матура или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура“,
рече Шаќири.

Тој вели дека ова законско решение е усогласено со Државниот испитен центар и со Унијата на средношколците за време на средбите кои ги имале со нив додека се подготвувале измените.
„Нема да има некоја голема разлика во делот на интерните и екстерните испити затоа што истата форма на реализација ќе биде како претходно, но плус дополнителен испит ќе биде за стручните струки, во разлика на еден стручен испит што тие ќе го имаат за влезен академски испит на универзитетите“,
рече Шаќири.
Министерот нагласи дека со донесувањето на овие законски решенија ќе се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес со оглед на тоа што актуелните закони се од 1995 односно од 2007 година и, како што рече, не соодветствуваат со реалните потреби.
„Новиот Закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните, неопходни за понатамошното образование и успешно вработување. Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование. Особено е важно што се овозможува и ученичко организирање и учество во носење одлуки што досега им недостигаше на учениците“,
додаде Шаќири.
Со новиот Закон за стручно образование и обука, пак, посочи тој, се регулира концептот на дуално образование за чија надградба и проширување, рече, се заложуваме повеќе години.
„Законот го зголемува обемот на практично образование во средните стручни училишта, односно фокусот е повеќе кон стекнување практични и применливи вештини преку учење директно на работно место во компаниите за сметка на намалување на теоретската настава“,
додаде Шаќири.
Тој посочи дека има тренд на зголемен број ученици запишани во стручното образование и наспроти 11 дуални паралелки пред четири години, денес има 592 со речиси 7 000 ученици.
Реформата на стручното образование и обука, како што вели Шаќири, е тесно поврзана со промените на пазарот на трудот и потребата за модел на стручно образование и обука насочен кон создавање човечки ресурси за потребите на пазарот на трудот, преку вработување или самовработување.
Новите закони за средно образование и за стручно образование и обука кои беа усвоени вчера на седница на Владата се проследени во Собранието, а Шаќири денеска упатил апел што поскоро да бидат усвоени овие законски решенија во интерес на унапредување на образовниот систем во државата и во интерес на граѓаните.
„Не очекувам политизација на процесот бидејќи политичките партии беа повикани, запознаени и вклучени во креирање на нивната содржина и не треба да постојат дилеми дали тие се потребни“,
додаде Шаќири повикувајќи ги пратениците да гласаат за измените.