Посебна новина што се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит
Новиот Закон за средно образование ќе овозможи развој на клучните компетенции и вештини кај младите, со особен фокус на дигиталните кои се неопходни за понатамошното образование и успешно вработување, напиша на својот фејсбук-профил министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
Очекува Собранието брзо да ги донесе новите закони за средно образование и за стручно образование и обука кои вчера на иницијатива на МОН беа усвоени на седница на Владата.
„Првпат се воведува и кариерно советување, кариерен советник и координатор за практично образование, а се регулира и ученичкото организирање и учество во носење одлуки“,
вели Шаќири.
Според него, со новиот Закон за стручно образование и обука се регулира концептот на дуално образование за чија надградба и проширување се заложуваат со години.
„Законите се проследени до Собранието и очекувам брзо усвојување, затоа што беа изготвени преку инклузивен процес во кој учествуваа сите засегнати чинители“,
вели министерот.
Владата вчера на седница утврди текст на нов предлог на Закон за средно образование чија цел, според предлагачот, Министерството за образование, е да се овозможи унапредување на системот на средното образование, со што директно ќе се влијае на квалитетот на целокупниот систем на образование во државата.
Посебна новина што се воведува е во поглавјето „Испити на крајот на средното образование“, односно воведувањето стручна матура и влезен академски испит.
„По завршувањето на последната година на гимназиското образование, како што е предвидено, учениците полагаат државна матура, или училишна матура. По завршувањето на последната година во Меѓународна програма за средно образование (ИБ-програма) учениците полагаат меѓународна матура и/или државна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со четиригодишно траење, учениците полагаат стручна матура. По завршувањето на последната година на стручното образование со двегодишно, односно со тригодишно траење, учениците полагаат завршен испит. По завршувањето на последната година во средното уметничко образование, учениците полагаат уметничка матура. Влезен академски испит за запишување во високото образование полагаат ученици кои сакаат да го продолжат образованието на високообразовните установи, а исполнуваат најмалку еден од условите: да се запишани на четврта година од средно стручно образование или средно уметничко образование; завршиле средно стручно четиригодишно образование и положиле стручна матура; завршиле средно уметничко образование и положиле уметничка матура или имаат решение за признавање на диплома за завршено средно образование во странство којашто е еквивалентна на завршено средно стручно четиригодишно образование или средно уметничко образование во земјава“,
се вели во соопштението од Владата.
Новина има и во поглавјето „Права и обврски на учениците и ученичко организирање и учество“.
Владата утврдила и текст на нов предлог на Закон за стручно образование и обука.