Граничниот премин „Евзони“ сè уште не е отворен, иако беше најавено дека од денеска ќе може да се патува во Грција под одредени услови.
Според СДК, грчката полиција сè уште нема добиено протокол како да ги пропушта возилата, па на граничниот премин се направила редица од возила кои чекаат на влез во Грција. Меѓу автомобилите има и македонски и српски возила, од кои дел се откажале од чекањето за влез, а дел се упорни.
Дел од српските медиуми јавуваат дека граничниот премин „Евзони“ ќе се отвори денеска после полноќ, но официјална информација за ова сè уште нема.
Премиерот Зоран Заев рече дека на вчерашната средба во Атина со неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис се договориле дека од денеска, 14 мај, граничниот премин „Евзони“, односно „Богородица“, ќе биде отворен, но ќе се патува под одредени услови.
За влез во Грција е потребен негативен ПЦР-тест, потврда за примени две дози вакцини или потврда за присуство на антитела од прележан коронавирус.