Транспортерот ИЛ-76, со осум членови на екипажот и седум патници, според руските власти, се урнал во регионот на градот Иваново
Руски воен транспортен авион со 15 лица се урна при полетување од воздухопловната база во западна Русија, објави денеска руското Министерство за одбрана. Транспортерот ИЛ-76, со осум членови на екипажот и седум патници, според руските власти, се урнал во регионот на градот Иваново.
Не е наведено дали има преживеани.

Во соопштението на руското министерство се наведува дека причина за несреќата најверојатно е палењето на еден од моторите при полетувањето и се додава дека тим од истражители тргнал кон Иваново за да започне истрага.
„Околу 13 часот по московско време, воен транспортен авион ИЛ-76 се урна за време на полетувањето за редовен лет во регионот на Иваново. Според извештаите од местото на настанот, причина за катастрофата е пожар во еден од моторите при полетување на авионот“,
соопшти Министерството за одбрана на Русија.
На местото на несреќата се службите за итни случаи, а во тек е потрагата по лицата кои се превезувале во авионот.
Четиримоторниот ИЛ-76 е транспортен авион кој е во употреба од 70-ите години на минатиот век од страна на советските, а потоа и руските воздухопловни сили.