Министерството за економија ќе добие единствена институција Државен пазарен и технички инспекторат, во која всушност се спојуваат Државниот пазарен инспекторат со Државниот инспекторат за техничка инспекција. Спојувања ќе има и на Фондот за иновации и технолошки развој со Агенција за поддршка на претприемништвото, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со Дирекција за технолошко индустриски развојни зони, како и на Агенција за енергетика со Агенција за задолжителни нафтени резерви

Министерството за економија доби задолженија од Владата да го спроведе планот за реорганизација на Министерството, според роковите утврдени во него. Задолженијата за Министерството за економија произлегоа од денешната владина седница на која е разгледана и усвоена информацијата за споредување на планот.
Согласно Планот сега Министерството за економија ќе добие единствена институција Државен пазарен и технички инспекторат, во која всушност се спојуваат Државниот пазарен инспекторат со Државниот инспекторат за техничка инспекција. Исто така, спојувања ќе има и на Фондот за иновации и технолошки развој со Агенција за поддршка на претприемништвото на Република Северна Македонија, на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот со Дирекција за технолошко индустриски развојни зони, како и на Агенција за енергетика со Агенција за задолжителни нафтени резерви.
Планот што ќе го спроведува Министерството за економија е согласно заклучок на Владата од 0 март 2022 година кога заедно со Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство беа задолжени да започнат со спроведување на првиот пилот проект на министерскиот систем, согласно препораките од Интегрираниот извештај за државна реорганизација.
Најави за спојување на одредени државни агенции и институции најави и министерот за информатичко општетсво и администрација Адмирим Алити уште во ноември минатата година.
„Ќе има агенции што ќе бидат затворени односно трансферирани како сектор во некое друго министерство бидејќи експертите констатираат дека не треба да има агенција со седум члена на управен одбор и директор, односно само администрацијата е важна во таа агенција“,
рече тогаш Алити.
На прашањето дали сето ова значи и намалување на бројот на вработени во администрацијата, Алити рече дека намалување ќе има само на бројот на директори и на членови на управни одбори, а не на вработени.
„Вработените ќе бидат трансферирани. Со реорганизација нема ниту еден вработен да биде отпуштен од работа бидејќи посебно во централната власт ние имаме дефицит на вработени така што можно е да има прераспределба, но вработените ќе останат. Ќе има директори кои денеска се директори, а во 2024 година таа институција ќе нема директори“,
нагласи тогаш министерот Алити.