Не се знае колку точно пратеници застанале зад реизборот на Џафери, со оглед на превирањата во ДУИ. Уставниот рок од 20 дена во кој мандатарот Заев треба до Собранието да достави предлог-состав и програма за работа на новата влада истекува на 2. септември
Пратениците од владејачкото мнозинство почнале да собираат потписи за реизбор на Талат Џафери, иако сè уште е неизвесно кога ќе продолжи конститутивната седница, потврдија за „360 степени“ членови на декларираното парламентарно мнозинство. Седницата можно е да се одржи утре.
Според Деловникот на Собранието, кандидат за претседател на законодавниот дом предлага или Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници.
Не се знае колку точно пратеници застанале зад резиборот на Џафери, со оглед на превирањата во ДУИ. Кај коалицискиот партнер на СДСМ, ДУИ, постои незадоволство од дел од кадровските решенија на лидерот Али Ахмети за новата влада. Револтот, според пишувањата на дел од медиумите, е најизразен во разграноците на ДУИ во Чаир и во Сарај, а се однесува најмногу на кандидирањето на Артан Груби за вицепремиер и Бујар Османи за министер за надворешни работи.
Според ТВ Алсат-М, вчерашната седница на Централниот совет на ДУИ ја бојкотирале пратениците од Чаир и Сарај, Изет Меџити и Арбен Зибери, а незадоволство од поделбата на ресорите имало и во Струга. Двајцата пратеници наводно најавиле дека нема да учествуваат во гласањето на Талат Џафери за претседател на Собранието и на новата влада.
Без гласовите на Меџити и Зибери, Талат Џафери не може да биде избран за претседател на Собранието, затоа што Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, заедно со ДУИ и ДПА има вкупно 62 пратеници, а спикерот се избира со 61.
Од СДСМ за „360 степени“ рекоа дека ДУИ не е проблемот, но немаа одговор зошто не се закажува седницата, иако се најавуваше уште синоќа.
Во меѓувреме, тече и уставниот рок од 20 дена во кој мандатарот Заев треба до Собранието да достави предлог-состав и програма за работа на новата влада. Тоа треба да се случи најдоцна до 2. септември.
Потоа, Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.