Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, вели дека отпочнатата санација на свлечиштето на патот Велес – Градско ќе се одвива во три фази.
„На почетокот ќе се изврши ископ на веќе уништениот пат, негово стабилизирање со санирање на уништениот ѕид и поставување на нов бетонски ѕид, за подоцна да се изврши насипување и поставување на нова еластична ограда за комплетирање на градежната работа на овој дел од проектот. Во втората фаза ќе се започне со кавење на карпите со цел да се осртат оштетените, испуканите карпи, за подоцна да се започне со поставување на анкери врз кои ќе се врши торкетирање, поставување на заштитна мрежа и поставување на габиони за трајно стабилизирање на карпата. Во третата фаза испуканиот асфалтен слој ќе биде заменет со нов“, вели Китанов.
Свлечиштето и одроните на карпи се појавија во 2018 година, кога беше извршена привремена санација. Во меѓувреме е завршена проектната задача од Градежен факултет за да може да започне трајна санација.
Китанов вели дека е во тек тендер за избор на фирма што ќе го рехабилитира целиот патен правец од Велес до Градско. Тој очекува градежните работи за санација на одронот и за рехабилитација на патот да завршат во следните 4-5 месеци.