Искористени, според министерот Спасовски, се сите можни капацитети кои се однесуваат на јавната безбедност во рамките на потрагата. Во таа насока, посочи тој, подигнати биле снимки од преку 50 камери од места каде што ги имало, односно биле поставени, а во целосна функција е и системот „Сејф сити“ (Безбеден град), од каде што исто така преземаат низа мерки. Министерот најави и преземање мерки против сите оние што на профили на социјалните мрежи објавуваат какви било лажни вести поврзани со случајот
Повеќе од стотина полицајци се вклучени во потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска која денеска влезе во петтиот ден откако нејзиното исчезнување беше пријавено од нејзината мајка во понеделникот.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Секторот за внатрешни работи Скопје, информира за, како што рече, опсежните мерки што ги презема полицијата за пронаоѓање на девојчето, без да навлегува во детали од истрагата.
„Никакви детални информации сега во овој момент не можеме да дадеме. Можеме да споделиме податоци и информации за постапката што се презема. Секогаш кога ќе имаме релевантен податок којшто ќе треба да се сподели со јавноста тоа ќе го направиме“,
рече Спасовски.
Во однос на мерките што се преземаат, Спасовски нагласи дека потрагата по исчезнатото девојче е најважниот приоритет за Секторот за внатрешни работи Скопје. Тој потсети дека е формиран посебен штаб кој работи, како што кажа, заедно со родителите, семејството, познаниците, пријателите и соучениците на Вања.
„Секојдневно се преземаат низа активности, вклучени се неколку стотини полициски службеници коишто исклучиво работат на оваа проблематика, предводени пред сè од началникот на Секторот за внатрешни работи, од помошниците началници. Значи, целото раководство на Секторот е насочено кон оваа активност“,
истакна министерот за внатрешни работи.
Искористени, според Спасовски, се сите можни капацитети кои се однесуваат на јавната безбедност во рамките на потрагата. Во таа насока, посочи тој, подигнати биле снимки од преку 50 камери од места каде што ги имало, односно биле поставени, а во целосна функција е и системот „Сејф сити“ (Безбеден град), од каде што исто така преземаат низа мерки.
Се анализираат сите податоци од телеком-операторите, кои исто така можат да бидат важни, рече Спасовски додавајќи дека досега биле сослушани десетици лица од кои се земени податоци и информации за да се добијат некакви сознанија во врска со овој настан.
„Преземени се електронски уреди од семејството и од девојчето коишто се вештачат. Во еден дел се земени веќе податоци и имаме одредени податоци од овие електронски уреди, кои исто така може да бидат од корист за истрагата и целата оваа постапка. Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството. Така што целиот овој тим работи до доцна во ноќта до изутрина сите овие денови“,
информира Спасовски.
Се пребарувале и реката Вардар и подрумски простории, а се работело и на прибирање на податоци од црквите и манастирите во близина на Скопје.
„Значи, се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваа и сите подрумски простории, не само во околината, туку и малку пошироко. Се работеше на пребарување, односно на добивање податоци и информации од црквите и манастирите коишто се во близина на Скопје. Една опсежна активност и тука нема да се застане, интензивно работиме“,
изјави министерот за внатрешни работи.
Тој им се заблагодари на медиумите кои објективно информираат за случајот, со што помагаат во борбата против лажните вести кои се шират во медиумите и на социјалните мрежи во врска со исчезнатото девојче и потрагата по него.
Министерот најави и преземање мерки против сите оние што на профили на социјалните мрежи објавуваат какви било лажни вести поврзани со случајот.
„Морам да кажам дека сите тие профили коишто објавуваат било какви лажни вести се детектираат и сите тие ќе бидат и дел се повикани во полициска станица и таму каде што ќе се утврди дека и ја загрозуваат безбедноста, односно истрагата и придонесуваат притоа да имаме сериозна штета во јавноста ќе се преземаат мерки заедно со Јавниот обвинител. Ова го укажувам заради тоа што сметам дека ваквите работи не се тема којашто може да се смета како несериозна или тема со која ние можеме да се забавуваме како луѓе. Напротив сметам дека максимално треба да бидеме посветени во добивање на резултат од она што ние го работиме“,
рече Спасовски.
Прашан за системот „Сејф сити“ и можноста за препознавање на лица (фацијално препознавање), министерот за внатрешни работи посочи дека „Сејф сити“ функционира целиот овој период со можностите кои ги нуди – движење на возила, препознавање регистарски таблички, додека на системот за препознавање лица се работи во моментот, меѓутоа во одделот за форензички испитувања.
„Првпат после 30 години, покрај пребарување по фингерпринт (отпечатоци од прсти) ќе можеме да пребаруваме и по лица. Така што, некаде, сметам според тоа што ме информираа службите, до кај 10 декември ќе можеме да го ставиме во целосна функција тој систем за препознавање лица, а додека надградбата на системот ’Сејф сити’, тоа секако е друг процес, друга постапка, која е во тек и за тоа ќе имате информации“,
изјави Спасовски.
Инаку, исчезнувањето на девојчето беше пријавено во полиција во понеделникот во 8:35 часот изутрина, а случајот во јавноста го обелодени мајката на тинејџерката преку објава на социјалните мрежи. Според објавата на мајката на девојчето, 14-годишничката тргнала од дома накај училиште во 7:20 часот по што ѝ се губи секаква трага. Последен пат била видена во Дебар Маало на пат кон училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“.
Во вторникот Министерството за внатрешни работи на својата веб-страница во регистарот за исчезнати лица објави портретна фотографија и опис на 14-годишната Вања Ѓорчевска.
Во описот се наведува дека девојчето има темнокафеава коса и кафеави очи, носи протези на горните и долните заби и има бенка на десна страна од лицето. Висока е 175 сантиметри, а тешка 58 килограми.
На денот на исчезнувањето (27 ноември) на себе носи син блузон, црна јакна, црни фармерки со странични џебови и бели патики со кафеави линии. Со себе носи школски ранец и мобилен телефон „ајфон“.
Фотографии од девојчето беа залепени во центарот на градот со надеж дека некој од минувачите ќе се присети на каква било информација.
Грчката невладина организација „Насмевката на детето“, чија главна цел е заштита на децата нивните права, вчера на официјалниот фејсбук-профил објави пост за исчезнатото девојче од Скопје, Вања Ѓорчевска, јави дописничката на МИА од Атина.
Во објавата се споделени сите информации – околу личниот опис на девојчето, облеката што ја носела на денот на исчезнувањето, како и официјалното соопштение од Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија.
Паралелно, заедно со информациите е споделена и фотографија.
На социјалните мрежи се шири и фотографија од Вања Ѓорчевска на која е испишана порака на англиски која е упатена до сите во Србија, Косово, Албанија, Бугарија и Грција и до сите во светот и на која се наведува дека девојчето е исчезнато.