Директорот на Судскиот совет на Норвешка ја потенцирал неопходноста од целосно дигитализирање на македонскиот судски систем преку современа информатичка технологија со цел да се олесни пристапот на граѓаните до судството, но и да се создаде поефикасен, потранспарентен и понезависен судски систем
Претседателката на Судскиот совет, Павлина Црвенковска, на средбата со колегите од норвешката делегација известила дека во моментот Советот издвојува финансиски средства за процесот на дигитализација на судството и изразила подготвеност Советот активно да учествува во инсталирањето на нов АКМИС, во кој ќе бидат содржани и алатки кои до сега не ги користело македонското судство
Кралството Норвешка ќе донира 6,8 милиони евра за нов АКМИС систем, чија цел е да се воспостави понезависен и потранспарентен судски систем, соопштија од Судскиот совет по денешната средба на претседателката на Советот, Павлина Црвенковска, нејзиниот заменик Селим Адеми и членовите Лорета Ѓорѓиева и Миљазим Мустафа со директорот на Судскиот совет на Норвешка, Свен Мариус Урке, придружуван од Аудун Хогнес Берг, кој е дел од норвешкиот совет и Амра Јашаревиќ, задолжена за реформи во судствата од регионот.
На средбата присуствувале и претседателот на Основниот суд Лазар Нанев и професорката Гордана Лажетиќ, како дел од Советот за информатичко-комуникациска технологија.
Директорот на Судскиот совет на Норвешка ја потенцирал неопходноста од целосно дигитализирање на македонскиот судски систем преку современа информатичка технологија со цел да се олесни пристапот на граѓаните до судството, но и да се создаде поефикасен, потранспарентен и понезависен судски систем.
Тој, како што се наведува во соопштението, нагласил дека целата независност на судството во Норвешка се потпира на информатичката технологија.
Претседателката на Судскиот совет, Црвенковска, на средбата со колегите од норвешката делегација известила дека во моментот Советот издвојува финансиски средства за процесот на дигитализација на судството и изразила подготвеност Советот активно да учествува во инсталирањето на нов АКМИС, во кој ќе бидат содржани и алатки кои до сега не ги користело македонското судство.
„Членовите на Судскиот совет искажаа уверување дека со целосната дигитализација и со инвестицијата во информатичка технологија ќе се обезбеди транспарентно и независно судство кое ќе го олесни давањето услуги кон граѓаните, а судските постапки ќе ги направи поотворени за јавноста, со што ќе се врати и довербата кај граѓаните“,
стои во соопштението.
Двете страни на состанокот се согласиле дека изборот на судии, нивното оценување и унапредување, кои се во надлежност на Судскиот совет, ќе бидат поцелосни и поквалитетни доколку се дигитализира целиот судски систем.
Актуелниот АКМИС досега беше предмет на голем број контраверзии и случаи на негова злоупотреба за кои имаше и судски процеси.
Поради злоупотреби на АКМИС, поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, беше осуден на затворска казна од три и пол години, но Апелација му ја намали казната за една година.
По поднесената жалба, Врховниот суд ја укина пресудата на Апелациониот суд и го врати предметот на повторно одлучување, но и по повторената постапка, на Панчевски му беше одредена истата казна затвор од две и пол години, која почна да ја издржува кон крајот на јули оваа година.
Тој беше осуден бидејќи како претседател на Судот, местел предмети кај одредени судии, во периодот од 2013 до 2016 година, злоупотребувајќи го АКМИС.
Кон средината на јануари, минатата година Судскиот совет донесе одлука за разрешување на судијка од Основниот кривичен суд во Скопје поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, односно поради повреди на судскиот деловник по однос на примената на АКМИС, кој се однесува на распределбата на предметите.
Иако тогашниот претседател на Судскиот совет, Киро Здравев, не кажа конкретно име, неофицијално, како што посочија и дел од медиумите, станува збор за поранешната в.д. претседателка на Кривичен, Татјана Михајлова, која на функцијата дојде по Владимир Панчевски.