Поранешниот претседател на Кривичниот суд денеска сам се пријавил во затворот, откако му било одбиено барањето за одложување на извршувањето на казната
Поранешниот претседател на Кривичниот суд – Скопје, Владимир Панчевски, почна да ја издржува затворската казна од две и пол години за злоупотреба на службената положба.
Директорот на затворот „Скопје“, Филип Андонов, за МИА потврдил дека од денеска Панчевски е во затворот.
Андонов појасни дека Панчевски, откако добил упатен акт за издржување на казната, со жалба се обидел да го одложи извршувањето. Жалбата му била одбиена од судиите, по што тој денеска околу 14 часот сам се пријавил на издржување на казната.
Панчевски е сместен во просторија за изолација, согласно ковид – протоколите.
Тој е осуден дека, како претседател на Судот, местел предмети кај одредени судии, во периодот од 2013 до 2016 година, злоупотребувајќи го АКМИС.
Панчевски првично беше осуден на казна затвор од три и пол години, но Апелација му ја намали за една година.
Тој беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење во декември 2019 година, а Врховниот суд неговото разрешување го потврди во јуни 2020 година.