Судскиот совет го разреши поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски од судиската функција. За ваквата одлука на затворена седница гласале 9 члена, а еден бил против, објави Телма повикувајќи се на извори во советот.
Панчевски беше суспендиран од функцијата поради обвинението за манипулации со АКМИС-системот, кое во јули го поднесе ЈО.
Тој е обвинет дека во периодот од 23 јануари 2013 година до 14 септември 2016 година, како претседател на Основен суд Скопје 1, со давање на писмен „параф“, наредил распределба кај конкретни судии на четири предмети доставени од страна на Основното јавно обвинителство – Скопје, на два предмети кои во судот биле доставени на натамошна надлежност од основните судови Неготино и Куманово, на 41 предмет доставени од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на две обвиненија поднесени од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.
Судскиот процес за злоупотребата на АКМИС-системот вчера беше одложено по третпат откако Панчевски не се појави во судницата. Тој прво ја спореше месната надлежност на велешкиот суд. Прво Апелациски суд – Скопје, а потоа и Врховниот суд го одбил предлогот на Панчевски за пренесување на месната надлежност на друг основниот суд, со образложение дека тој, како обвинет, не бил законски предлагач.
Вчерашното одложување се случи бидејќи на обвинетиот не му била доставена поканата затоа што бил во странство. Судијката побара тоа да биде проверено.