Денеска се одбележуваат 16 години од смртта на вториот претседател на Македонија Борис Трајковски, кој загина на 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа кај Мостар.
Министерот за дијаспора Едмонд Адеми ја предводи владината делегација на одбележувањето на годишнината од смртта на Трајковски, кај Ротимље, каде што точно се случи авионската несреќа. Во делегацијата се и министерот за странски инвестиции, Елвин Хасан и заменик-министерот за култура Владимир Лазовски.

Министрите за информатичко општество Дамјан Манчевски, за образование Арбер Адеми и за земјоделство Трајан Димковски, во име на Владата, положија цвеќе на гробот на Трајковски, на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.
На споменикот на Трајковски во Струмица цвеќе положи владина делегација, предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во кабинетот на вториот шеф на државата, напиша на својот фејсбук-профил дека го памети Трајковски по неговата визија за успешна Македонија.
„Денеска одбележуваме 16 години од смртта на прерано и трагично загинатиот претседател Борис Трајковски и членовите на неговиот кабинет и мои некогашни колеги. Претседателот Трајковски секогаш ќе го паметиме по неговата визија за успешна Македонија, неговата клучна улога во процесот на помирување и склучувањето на Охридскиот рамковен договор и неговата непосредност и ведрина“,
напиша Пендаровски.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, забележа дека Трајковски вечно ќе остане запаметен како чесен и доблесен, проевропски политичар, посветен на сите граѓани и на поголема регионална и меѓународна соработка на нашата држава.

Пред 16 години, владиниот „кингер“, со кој претседателот Трајковски патуваше на меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина, се урна во близина на Мостар. Во несреќата, покрај Трајковски, животите ги загубија Димка Илкова-Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан-Лозановска од кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од МНР, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Трајковски дојде на чело на државата во декември 1999 година наследувајќи го Киро Глигоров. По авионската несреќа, која се случи во последната година од неговиот претседателски мандат, во земјава се одржаа вонредни претседателски избори, на кои Бранко Црвенковски беше избран за трет претседател на Македонија.
