Директорката на ИЈЗ Марија Андоновска, денеска во изјава за медиумите препорача граѓаните да избегнуваат собири, да се проветруваат просториите и да се следат останатите препораки
Од 10 до 16 февруари се регистрирани 2 726 нови случаи на заболени од грип, што е за 5,3 проценти помалку во однос на претходната недела, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем број заболени има во Скопје, односно 616 лица. Потоа следува Битола со 286, Куманово со 249, Струмица – 220, Штип – 184, Тетово – 180, Кавадарци – 165, Охрид – 118, а во останатите региони, бројот на заболени е еднаков или помал од сто.
Директорката на ИЈЗ Марија Андоновска, денеска во изјава за медиумите препорача граѓаните да избегнуваат собири, да се проветруваат просториите и да се следат останатите препораки.
Таа посочи дека оваа недела не е регистриран случај со смртен исход.
Во текот на оваа недела, во шест извештајни единици се регистрира многу ниска, во четири – сезонска, во осум – средна, во пет – висока, а во Дебар, Ресен, Кавадарци, Кратово и Штип – многу висока активност на вирусот на грип.
Во сезоната 2024/25 година, досега регистрирани се вкупно 14 340 случаи на заболени од грип, додаваат од ИЈЗ.
Заклучно со седмата недела од 2025 година, во државава вакцинирани се вкупно 72 291 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.