Во врска со протоколите, пак, од Владата велат дека за сите личности под заштита законски се преземаат мерки за да се провери безбедноста на храната и пијалаците, но не се исклучува можноста да се консумира и храна што не е проверена. Сепак, како што велат, Ковачевски овој период ниту јадел ниту пиел надвор од протоколите
Сите околности се испитуваат, и во наредните денови ќе имаме повеќе детали за ова, соопшти денеска портпаролот на Владата, Душко Арсовски во врска со веројатното труење од храна на премиерот Димитар Ковачевски поради што тој во неделата вечерва бил примен на Инфективната клиника.
„Премиерот беше примен со болки во стомакот од веројатно труење со храна на Инфективната клиника во Скопје каде му беше пружена целосна нега, по што состојбата му се подобри. Вечерва, неделата кон понеделникот, беше задржан за опсервација, а утредента беше пуштен во добра здравствена состојба“,
рече Арсовски.
На прашање дали труењето можеби се случило за време на неговиот престој на економскиот форум Делфи во Грција, од Владата велат дека тој ниту јадел ниту се движел надвор од протоколите во тој период.
„Во однос за форумот Делфи, тој како и сите останати настани каде присуствуваат високи функционери, се преземаа мерки и активности за проверка на исправноста и безбедноста на храната и пијалаците кои ги консумираат лицата. Премиерот ниту јадел ниту се движел надвор од протоколите во овој период“,
рече владиниот портпарол.
Тој вели дека поврзано со овој економски форум нема информации дека имало други случаи на труење, но и дека шефот на кабинет на Ковачевски, Мартин Попов пројавил симптоми.
„Во моментов имаме информации за шефот на кабинет на премиерот кој имал полесни симптоми и е во добра здравствена состојба. Инаку, премиерот од утре се враќа на работа“,
рече Арсовски.
Во врска со протоколите, пак, од Владата велат дека за сите личности под заштита законски се преземаат мерки за да се провери безбедноста на храната и пијалаците, но не се исклучува можноста да се консумира и храна што не е проверена.
„Во однос на безбедноста на храната и пијалаците кои ги консумираат личностите под заштита, претходно секако според закон се преземаат мерки и активности за проверка на нивната исправност во однос на безбедноста и евентуалните ограничувања во поглед на исхраната која би ја имала конкретната личност. Овие мерки се преземаат континуирани и секојдневно иако во одредени ситуации можеби не може однапред да се предвидат таквите ситуации, не е исклучена можноста да се консумира храна или пијалак која не подложена на соодветна проверка согласно процедурите. Сепак, сакаме да информираме дека премиерот ниту јадел ниту се движел надвор од протоколите во овој период“,
рече Арсовски,
