Според МТСП, системот на социјална заштита непречено функционира
Во тек е дистрибуција на пакети со средства за лична хигиена и за дезинфекција за семејствата што живеат во супстандардни услови, информира Министерството за труд и социјална политика.
Хигиенските пакети, се вели во соопштението, ќе им помогнат на оние на кои им се најпотребни полесно да ги спроведуваат мерките за избегнување инфекција во домашни услови.
„Изминатите денови тимовите од Центрите за социјална работа од Пробиштип, Тетово, Скопје, Ресен, Виница, Свети Николе, Крушево, Гостивар, Крива Паланка, Валандово и Куманово поделија пакети на над 400 семејства кои живеат во супстандардни услови. Во наредните денови акцијата продолжува и во другите центри“, соопшти МТСП.
Оттаму наведуваат дека системот на социјална заштита непречено функционира, а центрите за социјална работа ги извршуваат активностите согласно потребите на граѓаните и мерките и препораките на Владата.