Осомничениот со автомобил „мерцедес“, возејќи по левата сообраќајна лента од улицата „Св. Кирил и Методиј“, не се придржувал кон прописите и возилото го управувал со алкохол во крвта од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената и не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин

Против 47-годишник поведена е истрага и се предлагаат мерки на претпазливост поради сомнение дека сторил тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Како што информираат од Основното јавно обвинителство, осомничениот на 2 март по полноќ, управувајќи автомобил, удрил во жена која попречно го преминувала коловозот на пешачки премин.
Во описот од Обвинителството се наведува дека осомничениот со автомобил „мерцедес“, возејќи по левата сообраќајна лента од улицата „Св. Кирил и Методиј“, не се придржувал кон прописите и возилото го управувал со алкохол во крвта од 1,35 промили, со брзина поголема од дозволената и не забавил и не запрел на обележаниот пешачки премин.
„Возачот со предниот дел од возилото удрил во левата страна од телото на една оштетена која како пешак попречно го преминувала коловозот на пешачкиот премин. Од ударот жртвата се здобила со тешки телесни повреди – скршеница на долни екстремитети“,
велат од Обвинителството.
Мерките на претпазливост што се бараат за осомничениот од Обвинителството велат дека вклучуваат привремено одземање возачка дозвола и забрана за нејзино издавање, забрана за напуштање на живеалиштето или престојувалиштето, обврска на осомничениот да се јавува на одредено службено лице во судот, како и привремено одземање на патна исправа за преминување на државна граница.
Мерките на претпазливост се предлагаат со цел обезбедување на осомничениот во текот на постапката и спречување од повторување на делото.